Тендерите во Македонија ќе стануваат потранспарентни
Со законски измени ќе се подобрува транспарентноста на јавните набавки од страна на институциите и огласувањето на продажба на стварите на државните органи. Измените и дополнувања на Законот за јавни набавки и Законот за користење и располагање со стварите на државните органи се веќе доставени до Собрание. Со подобрување на првиот закон ќе се интензивира борбата против корупцијата и ќе се стеснува просторот за манипулации, а исто така треба да дојде до намалување на трошоците и подобрување на заштитата на деловните субјекти кои учествуваат во јавните набавки.
Според премиерот Никола Груевски, земјава е лидер во регионот во користењето нови, иновативни методи и средства за спроведување на јавните набавки, а електронскиот систем овозможил целосна транспарентност и отчетност во трошењето на јавните средства.
„Податоци за склучените договори, договорените износи и избраните понудувачи можат да се добијат во секое време без ограничувања. Новите законски решенија обезбедуваат нормално функционирање на јавниот сектор и на обезбедување на потребните услуги на граѓаните, но од друга страна, и соодветни контролни механизми за спречување на злоупотреби на јавните фондови“, изјави Груевски кој како најзначајна измена тој го издвои заострувањето на контролните механизми за спречување злоупотреби при јавните набавки.
Со измените треба да се зајакне позицијата и надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки која во иднина ќе има активна улога за спречување можни манипулации со критериумите. Новиот регистарот на независни експерти ќе го составува комисијата по пат на оглас, а ќе експертите ќе се бираат се избираат електронски, по случаен избор во одредена област, за што ке добиваат хонорар. Исто така , од мај идната година нема да може да се распише тендер за јавни набавки ако тендерските услови не овозможат да се јават најмалку пет компании.Јавните институции кои го распишуваат огласот, ќе мора пред објавувањето да направат анализа на пазарот и да обезбедат услови за пријавување на неопходните пет компании.
Раководните лица во државната институција кои ќе направат злоупотреби, може да завршат до пет години во затвор за кривичните дела со умисла, но и казна за кривично дело од небрежност. Меѓу новините во Законот за јавни набавки е и задолжително прикачување на тендерската документација на електронскиот систем за јавни набавки при објавување на огласот со што и практично тендерската документација ќе им биде достапна на понудувачите штом биде објавен огласот.
Од друга страна пак со измените во Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, треба да се овозможи поголема транспарентност при продажбата, да стесни просторот за самоволно однесување на инстутуциите, но и да се намалат трошоците. Од први јануари се воведува обврската за електронска продажба на стварите кои ги користат државните органи, а писмените понуди престануваат да се замаат во предвид.
„Субјектот кој ќе понуди највисока цена се стекнува со правото да ја купи стварта која е предмет на продажбата. Потоа, во рок од 5 дена субјектот кој победил на наддавањето и државниот орган кој ја продава стварта склучуваат договор, а субјектот е должен во рок од 15 дена да ја уплати полната вредност на средства која е постигната на наддавањето. Доколку тоа не го стори, средствата од депозитот се задржуваат во државниот орган, се спроведува нова постапка за јавна продажба“, истакна лично Премиерот на денешната прес конференција во македонската влада.
