ТЕМУ, ШЕИН И АЛИ ЕКСПРЕС ЈА УНИШТУВААТ ЕВРОПСКАТА ИНДУСТРИЈА? Модните и текстилните компании бараат акција од ЕУ
Европските текстилни и модни компании денес предупредија дека кинеските платформи како Шеин, Тема и Алиекспрес го преплавуваат пазарот со евтини и нискоквалитетни производи, создавајќи нелојална конкуренција, штети врз животната средина и придонесувајќи за лоши услови за работа.
Во заедничко писмо до Европската комисија, индустријата бара итни мерки за запирање на растот на текстилниот отпад и ублажување на притисокот врз европските производители, објавува „Ле Фигаро“.
Меѓу предлозите се укинување на царинските ослободувања за мали пратки под 150 евра, забрзување на истрагите и примена на санкции против платформите, како и принудување на овие кинески компании да назначат претставници во Европската Унија кои би можеле да бидат одговорни законски.
Писмото е потпишано од Европската конфедерација за облека и текстил (Еуратекс), како и националните текстилни федерации од Франција, Италија, Шпанија, Германија, Грција, Швајцарија и други земји, и ќе биде официјално доставено до Комисијата за време на саемот „Премиер Вижн“ во Париз.
Европската текстилна индустрија смета дека досегашните напори се недоволни и ја повикува Европската Унија веднаш да дејствува и да ги искористи своите законодавни и регулаторни алатки за заштита на европските производители и пазарни стандарди.
Брзата мода е термин што се однесува на евтиното и масовно производство на облека и обувки што предизвикува загадување на животната средина и поттикнува прекумерна потрошувачка, а често се поврзува и со тешки услови за работа во текстилната индустрија.
Telegraf.rs