Телма и Сител ќе платат казни затоа што не емитувале подеднакво забавна и народна музика?
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе поведе прекршочна постапка против телевизиите Телма и Сител затоа што не емитувале рамноправно народна и забавна македонска музика, како што е предвидено со Законот.
Согласно законските обврски, телевизиите треба да емитуваат по осум часа македонска музика неделно - и тоа половина од ова време забавна, а половина народна музика.
Мониторингот на Агенцијата спроведен од 5 до 11 мај покажал дека овие две телевизии го исполниле временскиот лимит, но не и потребниот сооднос меѓу забавната и народната музика. Кај Телма било констатирано дека емитувала нешто повеќе од три часа народна а нешто повеќе од 4 часа забавна музика. Сличен бил соодносот и кај ТВ Сител.
Казната што треба да ја платат телевизиите изнесува 20.000 евра, а доколку се случи порамнување телевизиите ќе треба да платат по 10.000 евра.
Од ТВ Сител велат дека уште не ја добиле одлуката на Агенцијата, па не сакаат да ја коментираат. Телма, пак, го оспори мониторингот на регулаторот и побара експертиза на измерената минутажа.
Слично
