Економија, финансии, бизнис

Контакт

Текстилни маки: Живот на кредит, не е живот!

Текстилни маки: Живот на кредит, не е живот!

Три месеци агонија, без здравствено осигурување, со долгови и кредити, солзи наместо радост за празниците- вака за Фактор го опишува своето секојдневие  кројач кој до неодамна бил вработен во кривопаланечката текстилна компанија Веибо. Вели  и тој и сопругата биле вработени во истата фирма, па маката во неговото семејство е двојно поголема. Долговите растат, банките си ги бараат ратите за кредит. Раскажува дека неговата судбина ја делат околу 250 вработени кои неколку дена на протест излегоа со единствено барање- да им се исплати изработеното.

“Неколку  дена сме на улица. Не бараме луксуз, ниту нешто туѓо. Си го бараме изработеното. Три месеци сме без денар. Сметките стојат  дома неплатени, имаме рати за кредит. И јас и сопругата бевме вработени во истата фирма. Ни рекоа дека денеска ќе се сретнеме со адвокати на менаџментот. Нашите барања ги знаат. Можеби некому не му значат ништо, но и платите  11-12 000, а во нив ни е пресметан и патот и хранарината, се мизерни но сепак неопходни да преживееме. За уште поголем да е проблемот и тие не ни ги исплатиле. Па има ли човек кој на оваа скапотија, на оваа сиромаштија може да живее без денар?  Зарем нашите деца не заслужуваат да имаат основни услови за живот,а и тие да не можеме да им ги обезбедиме?” – вели работник од текстилната компанија.

Влезот на текстилната компанија пред четири години, според него меѓу работниците бил најавуван како голема инвестиција која ќе вработува околу 500 лица.Првично бил замислен како центар за обука, се отворил нов погон,магацини,  се  зголемувал бројот на вработувања. Но за кратко време работите почнале да одат во надолна линија.

“Првично почна добро да работи. Имаше вработувања, можеби и повеќе од 500 луѓе. Платата не беше никогаш голема, ама беше редовна. Но потоа почнаа секој ден со отпуштања. На 1 декември ја земавме со штрајк платата за минатиот месец, односно половина од платата. Добивме по 6000 денари, а потоа ни рекоа барајте си чаре. Ни ја исклучија струјата во погоните. На 4 декември повикаа само една група на луѓе да дојдат на работа. Ме вратија и мене. Потоа ни најавија дека има недовршена работа, јакни за Холандија, нарачка која мора да се заврши, па ако мора да се работи и за викенд. Ни ветуваа дека ќе има работа за цела година. Си рековме, ако има работа ќе има и пари. Но, ништо. Од 20 јануари ни рекоа да ја искористиме втората половина од одморот до крајот на месецот. Тогаш сите не одјавија”- додава работникот.

Досега вели ги информирале сите надлежни институции, од трудовиот инспекторат до министерствотото и општината. Очекуваат да им се помогне да си до добијат сработеното.

“Немаме здравствено осигурување. Не можеме да отидеме на лекар, во аптека. Јас имам две деца, едното во предшколска возраст, другото во осмолетка. Секој ден им требаат пари за ужинка, за облека. Петнаесет години работам во текстилна индустрија, а сега со сопругата мора да чекаме помош од нашите родители. Тие од скромните пензии дали да трошат за себе или за моите деца” –додава текстилниот работник.

Градоначалникот на општина Крива Паланка им ветил поддршка. Иако и работниците не сакаат во зима на улица да ги бараат своите права, велат принудени се со сите сили да се борат за работничките права. Бараат целосна исплата на заостанатите плати, во спротивно велат од понеделник повторно по два часа ќе го блокираат магистралниот пат Крива Паланка- Куманово.Најавуваат и протестен марш од пред компанијата до општинската зграда.

“Во 21 век ние зборуваме за неисплатени плати, долгови, експлоатација на работникот, евтина работна сила. Се нема пари за плати но затоа се ставени нови камери. Останаа само четворица чувари кои велат се воделе под друга фирма. Наместо за прогрес, зборуваме за уназадување. Во Крива Паланка нема веќе насмеан човек. Градот се испусте. Нема земјоделие, нема сточарство, само еден рудник и со законските измени прашање е до кога. Младите бегаат, скоро и да нема млади без бугарски пасош. А, кога ќе го земат, нема враќање назад. Ние од некоја да речам средна генерација останавме со надеж да работиме дома, ама ова е претерано. Ем никакви примања, ем не ви ги даваат. А, колкав трошок сме направиле досега.  Две години ни даваа К-15 од 1000 денари. Тоа беше 2015 и 2016 година. За 2017 не добивме ниту денар. Има луѓе од соседните села кои поминуваат толкав пат до работа. Срамота е навистина за што зборуваме. Греота е, ќе ги изгубиме и младите и надежта”- додава текстилниот работник.

Кристина Ампева од “Гласен текстилец” вели дека ги поддржуваат  текстилците. Очекува нивниот проблем да биде решен, а надлежните да застанат на страната на работникот. 

“Ние сме тука како нивна поддршка , логистичка, за правни совети, било што. Работниците ни дојавија дека  имаат состанок со менаџментот, според тоа ќе размислиме заедно со нив за следни чекори. Имаат локален адвокат кој понуди помош и кој веќе води неколку судски спорови. На нив останува дали ќе ги бараат своите права во судска постапка. Првенствено е важно УЈП  да ја блокира сметката на фирмата и да се поднесе времена мерка. Правото на надомест во случај на невработеност  им било кажано од Заводот за вработување дека не ги следува”- додава Ампева.

Од компанијата им најавиле дека се прават напори да се обезбедат заостанатите плати, но засега проблемот останува отворен. 

С.Б. 

Слично

Поврзани вести