Текстилците не можат да кренат глава од прекувремена работа за која не им се доплаќа
Во Македонија текстилните работници работат прекувремено, за што обично не добиваат надомест.
За нив работниот ден многу често трае и повеќе од 8 часа. Ова е сериозен проблем и истото трае подолго време. На повеќе од 70% од текстилните работници во градовите од Источна Македонија не им е платена прекувремената работа, покажа анализата направена во рамките на проектот ,,Создади мрежа на знаење-препознај и пријави прекршување права“ кој го спроведува Здружението ,,Гласен текстилец“
На анкетниот прашалник одговориле 870 испитаници од кои 708 жени и 172 мажи. Тие го кажале својот став на вкупно 26 прашања, поврзани со користењето и плаќањето на годишните одмори, исплатите на к-15, колку платите ги задоволуваат нивните потреби, дали имаат подигнато кредити, како ги исплаќаат, за дискриминацијата, притисоците на работа.
„Прекувремената работа е дефинирана и во Законот за работни односи и во колективните договори во врска колку таа смее да изнесува, колку е платена и слично. Прекувремена работа е сѐ она што е над 40 часа неделно, и истото треба да е платено за 30%“, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Луѓето кои долги години се во оваа струка имаат различни искуства.
„Сум работела во повеќе фирми, и секаде било различно, зависи од газдите. Некаде плаќале за прекувремена работа, а некаде не. Луѓето си зборуваат меѓу себе, но не реагираат кај газдите. Јас сум била бунтовник, сум барала да се плати. Ако молчиш ништо нема да добиеш. Стравот е многу лоша работа. Што ќе изгубат дури и ако ги избркаат од работа? Ќе најдат иста, а можеби и подобра работа. Додека молчев бев потценета и несреќна. Секој мора да си ја цени својата способност“, вели Фросина Митевска, текстилна работничка.
Освен анализата којашто е изработена во рамките на проектот ,,Стратешко партнерство за промени на Здружението ,,Отворена порта“, се нудат и решенија коишто се однесуваат на работата којашто треба да ја работат надлежните институции на пример околу прекувремената работа.
Сања Атанасовска