Текстилците бараат помош од државата, се делат откази за работниците во овој сектор
Државата треба да најде начин за да им се помогне во модернизација на производството на текстилните компании, побараа претставниците на оваа индустрија на денешната средба со министерот за економија Ваљон Сарачини. Тие се пожалија дека имаат голем недостигот на квалификувана работна сила, но и дека е потребна автоматизација на производството ако сакаат да ги следат светските побарувања.
Од Сарачини побараа да помогне во отворање нови образовни насоки во делот на моделарството и конструкторското инжинерство, велат од кластерот за текстил, од каде посочија дека секторот е во сериозна криза,а само во последните шест месеци отпуштени се околу 1300 работници.
„Основна причина за отпуштањата е тоа што нашите конкуренти се секогаш чекор пред нас.Тие имаат постојани клиенти од странство што не е случај со нашите компании“, истакна Марија Перковска, претседател на кластерот за текстил која посочи дека македонските фирми само ги пополнуваат дупките и ја добиваат работата која не можат да ја завршат компаниите од соседството.
Затоа таа побара државна поддршка за модернизација и автоматизација на текстилните компании.
„Автоматизацијата е потребна за да може да се зголемат платите во текстилниот сектор, а неа не може да ја обезбедат компаниите бидејќи немаат доволна финансиска моќ. Токму за поддршката треба да се договориме за да можат нашите компании да ја зголемат конкурентноста“, рече Перковска.
Според државниот советник во Министерството за економија, Блерим Златку на средбата било заклучено дека текстилната индустрија е во пораст, има извоз, но се уште проблем претставува изнаоѓањето квалификувана работна сила и кредити. Им порача на претставниците на секторот да најдат нови пазари со производство на нови, иновативни производи, а истакна и дека од Македонската банка за поддршка на развојот има информација дека од средствата на Европската инвестициска банка се искористени околу 12 милиони евра за оваа индустрија.
„Министерството за економија, од Програмата за поддршка на претпријатијата секоја година издвојува по еден милион денари за текстилната индустрија“, изјави Златку кој додаде дека досега се искористени околу пет милиони денари.
Текстилната индустрија вработува над 40 илјади лица и ушествува во вкупниот извоз со околу 20 отсто, поради што останува еден од водечките сектори во земјава. За проблемите и најавите за отпуштања, претставниците на оваа индустрија алармираа во повеќе наврати барајќи помош од државата за поконкурентно производство и излез од кризата.
Слично
