Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Технометал Вардар“ лани продал капитал вреден 2,6 милиони евра

„Технометал Вардар“ лани продал капитал вреден 2,6 милиони евра
Прочуената домашна компанија, која влече реноме и имиџ уште од сФРЈ, лани имал приходи од 2,6 милиони евра во ставката „Парични приливи  од продажба на сопственички или должнички хартии од вредност на други правни лица и учество во заеднички вложувања“ во Извештајот за паричен тек. Иако „Фактор.мк“ бараше објаснување, не го доби. Што продаде „Технометал Вардар“ за 2,6 милиони евра? „Технометал Вардар“ лани продал капитал вреден 162,2 милиони денари (2,63 милиони евра), а платил 72,5 милиони денари (1,18 милиони евра) за камати и ја завршил годината со добивка од 200.000 денари остварена во услов кога приходите од основната дејност се намалиле безмалку за половина во однос на претходната година, покажуваат финансиските извештаи за 2014 година што ги објави поранешниот македонски извозен гигант „Технометал Вардар“. Според достапните податоци од билансот на успех забележливо е дека компанијата остварила нето добивка од работењето во износ од 200.000 денари што е помалку од 0,2 отсто од приходите од продажба на поранешниот трговски гигант кој продаваше во странство различни македонски производи, а најпознат беше по извозот на челик, електроелементи и индустриски производи во времето на СФРЈ. Лани „Тениметал Вардар“ од продажба во земјава и  во странство остварил приходи во износ од 119,5 милиони денари и тоа е намалување на неговата реализација во однос на 2013 година за 43 отсто. Неговите оперативни расходи лани достигнале 148,18 милиони денари и во однос на приходите од продажба биле повисоки безмалку за половина милион евра. Но компанијата успеала во ставката останати оперативни приходи за обезбеди прилив од 91,7 милиони денари и со тоа да успее да ја затвори годината во позитива и да излезе во плус и покрај високите финансиски расходи кои изнесуваат 64,5 милиони денари. Што продал лани „Технометал Вардар“ ? Од Извештајот за паричниот тек на компанијата евидентно е дека лани има приход од 162,во ставката „Парични приливи  од продажба на сопственички или должнички хартии од вредност на други правни лица и учество во заеднички вложувања“ во износ од 162,16 милиони денари. Дали тој приход кореспондира со намалените средства во билансот на состојба во позициите 21 и 23? Имено во позиција 23 – вложувања во придружени претпријатија  „Технометал Вардар“ во 2014 година има намалување на вредност во однос на 2013 година 91,1 милиони денари, а во ставката 23 – „вложувања во хартии од вредност“ вредноста е пониска за 82 милиони денари. Но и покрај тоа што во средината на март „Фактор.мк“ побара објаснување од компанијата одговор не добивме. Станува збор за кумулативно намалување од 172,1 милиони денари на вредностите во двете ставки за лани во однос на 2013 година. Што се случило и дали и што продала компанијата од својот капитал засега нема одговор. Од билансот на состојба може да се види дека вкупните обврски на компанијата по однос на краткорочни и на долгорочни кредити на крајот на 2014 година надминуваат 800 милиони денари. Генерално износот во однос на 2013 година е намален за околу 40 милиони денари. Кај краткорочните кредити износот на крај на 2014 година е 458,7 милиони денари и бележи раст од 5 отсто во однос на истиот период лани, а кај долгорочното задолжување износот во однос на 2013 година е понизок за 20 отсто и изнесува 247,2 милиони денари. Од извештајот за паричнот тек евидентно е дека компанијата лани за камати платила 72,5 милиони денари што е за речиси 8 милиони денари повеќе во однос на тоа што е платено на крајот на 2013 година. И за ова прашање „Фактор.мк“ не доби објаснување од компанијата. Истовремено со плаќањето по однос на камати според извештајот за паричен тек компанијата книжи приход од камати во износ од 61,3 милиони денари. Акцијата на „Технометал Вардар“ котира на подсегментот „берзанска котација“ на Официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност. Во периодот од една година наназад оваа акција се тргувала само еднаш на 9 април лани и тоа по цена од 500 денари истргувана е само една акција. Нејзината книговодствена вредност, според податоци на берзата, е 4.288 денари за акција. Генерален директор е Ѓорги Дервенџи, а претседател на Управниот одбор е Кочо Моцан. Претседател на Надзорниот одбор е Јован Јоанидис, кој воедно е втор по големина акционер во компанијата и поседува 23,25 отсто од акциите со право на глас. Најголем поединечен акционер е „Мепком“ ДОО со посед врз 24,89 отсто од акциите со право на глас. Фирмата „Ултимус“ ДОО поседува 17,4 отсто од акциите, а лицето Орде Китановски поседува 5,05 отсто од капиталот. „Технометал Вардар“ има уште 700 домашни физички лица акционери кои поседуваат 23,9 отсто од капиталот. Помалку од 0,5 отсто од акциите поседуваат 7 домашни фирми (освен дата големи акционери „Мепком“ и „Ултимус“), а вкупно 80 странски акционери поседуваат 5 отсто од капиталот. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести