Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТЕ-ТО продал струја од 300 милиони евра со неполни осум месеци работа и под државни регулации

ТЕ-ТО продал струја од 300 милиони евра со неполни осум месеци работа и под државни регулации

Гасната централа АД ТЕ-ТО минатата година остварила приходи за повеќе од 320 милиони евра и со овој резултат речиси сигурно влегува во Топ-5 најуспешни македонски компании по остварена продажба во 2022. 

Резултатот е подобар за околу 190 милиони евра во однос на една година претходно, а тоа најмногу се должи на големиот пораст на цената на електричната енергија која што ја произведува единствената гасна централа во земјата. Добивката е 11,5 милиони евра, а менаџментот сепак во консолидираниот извештај објавен на „Македонска берза“ е незадоволен од оствареното. Според компанијата чиј краен сопственик е фирма од Москва, загубена е добивка од 35 милиони евра. Од таму тврдат дека таа можела да биде многу поголема во околности кога се купувал гас по пазарни услови, а од друга страна со кризна одлука на Владата по регулирана цена се продавала струја на АД ЕСМ и топлинска енергија за парно. 

Поголемиот дел од приходите се должи најмногу на продажбата на произведената електрична енергија - 300 милиони евра, додека останатиот многу помал дел е продажба на топлина за БЕГ, односно за ЕСМ Топлина, како и тргување со природен гас.

Целокупниот резултат е направен со многу помалку работни денови затоа што морало да се калкулира со високата и променлива цена при набавката на гас, како и поради ремонтните активности. 

Најголеми купувачи на струјата од ТЕ-ТО биле АД ЕСМ и трговците Енерџи Фајненсинг Тим (ЕFT), ЕТМТ Енерџи, Дуферко МК, ЕДС и ГЕН-И.

„Во 2022-ра година вкупно беа остварени 238 комерцијални работни денови, што претставува намалување во однос на претходната година кога беа остварени 303 комерцијални работни денови“, објави ТЕ-ТО во извештајот.

„Во текот на 2022-та година компанијата се соочи со отежнати услови за работа на пазарот. Драстичниот раст на цените на електричната енергија и гасот на регионалните берзи, доведе до банкрот на 10-тина деловни партнери. Останатите компании, вклучително и ТЕ-ТО АД Скопје се соочија со потреба од огромен ликвиден капитал за сервисирање на тековното работење, што придонесе до намалување на ликвидноста на пазарите. Ликвидноста на пазарот во Македонија се намали и поради големите загушувања на преку граничните капацитети, што го оневозможува ефикасниот увоз/извоз на електрична енергија. 

На ликвидноста на пазарот негативно влијаеше и продажбата на електрична енергија по цени значително пониски од пазарната цена од страна на АД ЕСМ кон голем дел од либерализираниот пазар: ЕВН Хоме, ЕВН Дистрибуција, МЕПСО итн... Ова доведе пазарот на електрична енергија да има значително лоша ликвидност и значително отежната продажба на електричната енергија. Заради ваквата состојба со пазарот на електрична енергија, ТЕ-ТО АД Скопје беше приморан да објавува месечни повици за продажба на електрична енергија, без можност да го фиксира производството на подолг временски период“, резимира централата.

А.К.

Слично

Поврзани вести