Економија, финансии, бизнис

Контакт

АД ТЕ-ТО лани заработил 13 милиони евра само од топлина?

АД ТЕ-ТО лани заработил 13 милиони евра само од топлина?

Гасната централа АД ТЕ-ТО е „златна кокошка“ во Македонија со теоретски продадена топлинска енергија за парно загревање на скопјани од 13,1 милиони евра во 2022 година. Ова е секундарна заработка за ТЕ-ТО на годишно ниво, ако се знае дека примарна дејност е производство на електрична енергија од природен гас. „Екстра-добивката“ може да се пресмета доколку се помножи производството објавено на веб-страницата на претпријатието со однапред договорената цена која треба да му ја плати ЕСМ Производство на топлина.

Сепак, актуелната цена од 58 евра по мегаватчас изгледа исплатливо, бидејќи производството од скопските топлани, кои исто така се снабдуваат со природен гас, е значително поскапо. Доколку не постоеше оваа централа, скопјани со сигурност би биле приморани да плаќаат поскапи сметки за парно.

Когенеративната постројка во својот извештај за 2022 го објави и производот за декември, а последниот месец лани покажува дека се произведени 72.380 мегаватчасови топлинска енергија. Доколку оваа количина се помножи со 58 евра по мегаватчас, договорената сума донесена со одлука на Влада, по која ЕСМ Снабдување со топлина треба да му ја купува, излегува сума од безмалку 4,2 милиони евра заработени само за еден месец.

По истата формула, теоретски акционерското друштво во месец ноември заработи безмалку 2 милиони евра. Гасната централа ТЕ-ТО во текот на ноември, кога беше постигнат договор со ЕСМ, произвел 36.000 мегаватчасови топлинска енергија која се користи за дополнително парно греење на скопјани. Оваа количина е објавена на сајтот на скопската когенеративна централа која од природен гас примарно произведува електрична енергија, а секундарно и топлинска.

Регулираната цена што во услови на кризна состојба ја донесе Владата е 58 евра по мегаватчас. Тоа значи дека во првата грејна полусезона ТЕ-ТО заработил 6,2 милиони евра. Ова може да се смета како екстра заработка за акционерското друштво, бидејќи топлината може, но и не мора да ја продаде, ако се знае дека продажбата на електричната енергија е примарен бизнис.

Во првата половина од 2022, кога претходно, на почетокот на ланската година, ЕСМ принудно го менаџираше БЕГ, се купуваше топлинска енергија од ТЕ-ТО по ограничена цена од околу 33 евра по мегаватчас, според претходната јануарска одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Од извештајот објавен на сајтот на ТЕ-ТО може да се пресмета дека во јануари, февруари и март 2022 се произведени вкупно околу 209.000 мегаватчасови топлинска енергија. Ако ова се помножи со 33 евра по мегаватчас, тогаш излегува сума од 6,9 милиони евра за втората грејна полусезона 2021/2022. Ако оваа сума се придодаде на оние 6,2 милиони евра од ноември и декември, тогаш излегува дека вкупната заработка само од топлиснака енергија, на која може да се гледа како екстра добивка, е 13,1 милиони евра.

ТЕ-ТО минатата година ја заврши на осмото месо во редоследот на компании со најголема добивка во Македонија. Во 2021 оствари добивка од 20,608,128 евра и раст од 70 отсто. Произведената електрична енергија оваа компанија ја продава на слободниот пазар.

А.К.

Слично

Поврзани вести