Економија, финансии, бизнис

Контакт

Таткото на градоначалникот на Ново Село добива тендери во соседните општини Струмица и Босилово

Таткото на градоначалникот на Ново Село добива тендери во соседните општини Струмица и Босилово

Фирмата Џови Компани, во сопственост на Ацо Божинов, таткото на градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, добива договори за јавни набавки во соседните општини Струмица и Босилово.

На 4 јуни е објавен договор со Џови Компани од страна на Општина Босилово во вредност од околу 750.000 евра за „Изградба на фекална канализација во Моноспитово (втора фаза)“. Тоа е најголемиот тендер што досега овој изведувач го има добиено од оваа општина. Претходно на 15 април градежната компанија за нискоградба била избрана од Општина Струмица за „Изведба на втор слој асфалт на улици по програми за 2026 година“ во вредноост од 300.000 евра. 

Во февруари Струмица му доделува на Џови Компани тендер за „Изведба на основен сообраќаен проект за режим на сообраќај на нов градски пазар“ од 550.000 евра. Добиена е и јавна набавка од Општина Валандово за „Изградба, реконструкција и санација на локални улици“ за околу 120.000 евра. Тоа се поголемите договори што ги има добиено Џови Компани за оваа година, додека останатите што ги има постигнато сo локалните самоуправи се со многу помали суми. Сепак најголемиот тендер е склучен во август 2024 кога за сума поголема од 4,5 милиони евра бил потпишан договор за изградба на нов градски пазар во Струмица, кога градоначалник бил Костадин Костадинов.

Во самата биографија на Божинов е објавено дека осум години бил менаџер во семејната градежна фирма „Џови компани“ пред да стане градоначалник. Тој првпат победи на локалните избори во Општина Ново Село во вториот изборен круг, одржан на 31 октомври 2021 година, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Го победи кандидатот на СДСМ, Ѕвонко Ангелов, со разлика од околу 200 гласа.На локалните избори во 2025 година, Божинов освои и втор мандат, повторно како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, победувајќи уште во првиот изборен круг.

  • Со градоначалниците на Струмица и Босилово - Петар Јанков и Ристо Манчев доаѓаат на овие функции од иста партија.

  • Неговата семејна компанија минатата година остварила приходи од 120 милиони денари, а истата 2025-та била завршена со 50-тина вработени.

  • А.К.

    Слично

    Поврзани вести