Тасева откри злоупотреби во финансирањето на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Невладината организација „Транспаренси интернешенал - Македонија“ на Слаѓана Тасева ќе поднесе кривични пријави против политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заради незаконито финансирање на изборната кампања.
Организацијата обезбедила докази оти ВМРО-ДПМНЕ дел од плаќањата за изборната кампања ги вршеле во кеш, со потврда каса-прими, иако законот предвидува сите исплати да се прават преку посебната сметка за избори што мора да ја отвори партијата. Во кеш биле покриени трошоците за поставување на бината во Прилеп, тврди Тасева.
Невладината ги добила овие информации на барање за слободен пристап до информации лично од одговорните во претпријатието, кои сакајќи да покажат дека јавното претпријатије не работи без пари за ВМРО-ДПМНЕ, им ги дале сите фактури и копии од каса-прими документот.
Против ДУИ, пак, ќе биде покрената кривична пријава за злоупотреба на средства на локалните самоуправи и јавните претпријатија за партиски цели. Имено, Транспаренси интернешенал - Македонија добила потврда од општината Студеничани дека за време на локалните избори во февруари 2013 општината платила фактури за компјутери по, според нив, „наредба за плаќање од Артан Груби од ДУИ“.
Од општината ја доставиле и електронската порака од Груби, во која стои: „Во прилог ти праќам 2 фактури и те молам ако може општината да ги покрива. Секоја општина ни помагала со ист износ, обезбедувајќи големи знамиња, компјутер, големи телевизори за прес конференција, говорници, микрофони, мискета и др“.
„Овие случаи покажуваат дека Република Македонија се уште нема поставено цврсти механизми за следење и заштита од ваков тип злоупотреби, што е загрозувачки за демократскиот развој на државата, бидејќи не може да се говори дека изборната кампања била фер и условите биле подеднакви за сите учесници“, вели Тасева.
Слично
