Тасева: Да продолжи кривичната постапка против Ставрески
Во овие нови околности треба да продолжи постапка по кривичната пријава против министерот за финансии Зоран Ставрески, вели Слаѓана Тасева претседател на Транспаренси Интернешенеал Македонија. Ваквата реакција на Тасева следува откако лидерот на опозицијата Зоран Заев, објави телефонски разговор за кој се тврди дека е помеѓу министрите Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески, а во кои тие зборуваат за тоа како кривичната пријава против Ставрески од Тасева, со помош на обвинителот Зврлевски, да стане неоснована, по што тој би поднел контратужба до Тасева за лажна кривична пријава.
“Станува збор за кривична пријава против Ставрески за донесување на правилникот за распределба на средставата од буџетот на политичките партии. Очигледно е дека Ставрески е загрижен за пријавата затоа што Уставен суд го укина правилникот на министерот, и тој има единствена одговорност за неговото носење. Очигледно е влијанието на политиката над Јавното обвинителство, а самиот Јавен обвинител сторил кривично дело со отфрлање на оваа кривична пријава. Во овие нови околности треба да продолжи постапката по кривичната пријава“, вели за Фактор, Слаѓана Тасева.
Невладината организација Транспаренси интерешнал - Македонија, чиј претседател е Слаѓана Тасева, во октомври 2011 година поднесе кривична пријава за министерот за финансии Зоран Ставрески. Тасева тврдеше дека Ставрески во 2010 година донел упатство за распределба на пари од буџетот за годишно финансирање на политичките партии и со тоа упатство го оштетил државниот Буџет за 1,3 милиони евра.
Слаѓана Тасева поднесе иницијатива до Јавното обвинителство, со која се бараше кривична одговорност од Зоран Ставрески. Во неа беше неведено дека Ставрески, на 16 април 2010 година донел упатство за дополнување за распределба на средствата од државниот буџет за годишно финансирање на политичките партии. Со овој чекор министерот не ја почитувал поделбата на власта, ги пречекорил службените овластувања и, како функционер од извршната власт, уредувал законска материја.
Прекршувањето на законот продолжило и со тоа што Ставрески истиот ден упатството го објавил во „Службен весник“, со што тоа стапило во сила, а на 20 истиот месец, врз основа на дополнетото упатство, донел решение за распределба на средствата за финансирање на политичките партии во висина од 0,06 отсто од буџетот на Македонија за 2010 година, или вкупно околу 1.330.000 евра.
Уставниот суд ја укинува одредбата на министерот за финансии Зоран Ставрески
Подоцна, и Уставниот суд ја укинува одредба од упатството на министерот за финансии Ставрески, со која сите политички партии што учествуваа на изборите добиваа процент од буџетот за финансирање на партиите. Судот утврдил дека со овие одредби, министерот воспоставил поинакви правила на распределба на средствата од буџетот за финансирање на политичките партии од правилата пропишани во Законот за финансирање на партиите.
Јавно обвинителство ја отфрла кривичната пријава за Ставрески, Ставрески се заканува со тужба за лажна кривична пријава
Уставниот суд ја укинува одредбата од спорното упатство на министерот за финансии Зоран Ставрески. Тасева поднесува кривична пријава, но Јавното обвинителство ја отфрла кривичната пријава на Тасева против министерот Старвески како неоснована.
Веднаш потоа, Ставрески најавува дека ќе поднесе тужба за Тасева заради лажна кривична пријава против него.
Во, истиот период Марко Зврлевски е Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје. На таа позиција е од 2009 до 2013 година, а потоа, од 25, јануари 2013 година Зврлевски станува јавен обвинител
СДСМ објави телефонски разговор за овој случај, за кој се тврди дека отфрлањето на кривичната пријава е догорена работа
Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски ја отфрлил кривичната пријава против Зоран Ставревски, вицепремиер за финансии, откако го замолила министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, обвини СДСМ. Тие емитуваа тонски разговор помеѓу Ставревски и Јанкулоска каде што министрите разговараат за овој проблем на Ставревски.
- Му реков види те молам подзабрзај ја работава, ќе почне во собрание дебата за буџет, па барем една работа помалку да имаме. Не му реков директно, но он знае што значи тоа. Ми рече тоа што ми даде задача завршено, вели Јанкулоска во аудиото.
Ништо не е случајно, па ни унапредувањето на Марко Зврлевски. Послушноста на Зврлевски како јавен обвинител во организиран криминал го однела чекор понапред, рече Заев.
Слично
