Таму растат како на ниту едно друго место: 20 отсто повеќе за плати во АЕК за една година
Вработените во Агенцијата за електронски комуникации, кои ионака важат за едни од најплатените во земјата, според објавениот извештај од работењето за 2025, во текот на минатата година поделиле основни плати од 152.782.827 денари, односно 2,5 милиони евра, што е за 20 отсто поголем износ. Платите во оваа регулаторна агенција во изминатите неколку години во континуитет растат со двоцифрен процент, а се зголемува и бројот на вработените. Огромниот раст сепак се оствари, иако пред 2025 власта ветуваше дека нема да се реализира финансискиот план со кој се предвидуваше високо зголемување на платите.
- Вкупната реализирана вредност на синтетичкото конто вкалкулирани плати изнесува 233.148.290,00 денари и се однесува за пресметани и исплатени нето плати согласно Правилникот за плати и надоместоци на вработените АЕК, за пресметани и исплатени придонеси за ПИО, здравство, професионално заболување, вработување, персонален данок на доход. Оваа реализација е 99,08% во однос на финансискиот план за 2025 година и има зголемување за 20,88% во однос на 2024 година, ообјаснето е во извештајот на АЕК.
Регулаторот кој своето работење го финансира најмногу од телекомските оператори, има намалување на расходите за капитални инвестиции, но затоа е забележителен растот на трошоците за кадровските ресурси. Во пријавената завршна сметка пишува дека на крајт од 2024 имало 137 вработени, а една година потоа - на крајот на 2025 бројот на вработени лица бил дури 153. Ако грубо се подели со оваа бројка, излегува дека нето месечната плата изнесува 1.360 евра. Бројот на вработени пред три години беше 120. АЕК повремено објавува огласи во кои што се нуди почетна плата и до 90.000 денари, а понекогаш се бараат и работници без почетно искуство.
Посебно издвоена ставка, надвор од овие трошоци за платите на вработените, се надоместоците за ангажманот на петчлената Комисија, која функционира како своевиден Управен одбор на АЕК. За петтемина избраници кои ги водат седниците и ги донесуваат одлуките се потрошени 11.654.539 денари.
Вкупните расходи лани биле 718 милиони денари, односн за 103 милиони денари повеќе од приходите. Останатите надоместоци за вработените (како годишен регрес за одмор) изнесуваат 14.333.787 и се доста повисоки од тие од 6.566.789 денари од една година претходно. Повисоки се и дневниците за службени патувања - 11.491.192 денари во 2025 и потрошени 8.838.290 денари во текот на 2024.
А.К.
