Таки Фити:Кратења на буџетските трошоци се неопходни
Ќе има потреба од ребаланс на буџетот, бидејки ќе се намалуваат приливите во буџетот, а тоа значи дека мора да се штеди, да се преиспитаат мерките за субвенционирање на земјоделството и за покачување на платите во администрацијата.
Ова е ставот на претседателот на МАНУ академик Таки Фити, по новите проекции на НБРМ дека економскиот раст ќе изнесува само 1,6%, поради актуелната политичка криза.
„Не знам што ќе се случува со платите на администрацијата.Тие се огромна ставка и ако дојде до уште посложени состојби, тие не треба да растат туку едноставно да се стегаат, да се намалат“ - вели Фити.
Тој објаснува дека не постои опасност од девалвација на денарот. Апелира граганите да бидат спокојни затоа што финансискиот сектор е стабилен и ликвиден, а нивото на девизни резерви е високо. За оние граѓани кои ги извадија депозитите од банките во паника, вели дека изгубиле камата. Фити додава дека кратења на буџетските трошоци се неопходни, затоа што со овие буџетски дефицити и неодржлив јавен долг, Македонија не може нормално да функционира.
