ТАКИ ФИТИ: Aпсурдно е кога државата се задолжува за пензии
Новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити новото задолжување за исплата на плати и пензии го нарече апсурдно и порача дека не е добро кога една држава се задолжува за покривање на тековни трошоци од буџетот.
„Платите, пензиите, социјалните надоместоци, тие мора да течат, но во принцип е апсурдно да одите на задолжување и тоа на странски пазари, за да покривате тековни трошоци на буџетот“, изјави денеска Фити.
Коментирајќи го апелот на опозицијата пак, која завчера им порача на банките да не вложуваат во државни хартии од вредност, професорот Фики истакна дека банките не мора да постапуваат како што ќе повикаат политичките партии.
„Добриот банкар, менаџер, нема никогаш да слуша што некој политичар ќе му рече, сеедно од која партија е, бидејќи банката си го гледа својот интерес. Се знае кога тие ќе вложат, каде, со каква рочност, со пресметани ризици. А ризик има и во државните хартии од вредност, особено во период ако државата почне забрзано да се задолжува. Тие ќе си го пресметаат ризикот и ако треба, само ќе го намалат задолжувањето. Мислам дека апелот нема ефект и не може денес со оваа независност што ја имаат банките, политичарите да влијаат врз нив” – изјави академик Фити.
