Тачи утре во Струга, ден по исклучувањето на Села
Лидерот на ДПА Мендух Тачи утре ќе биде во Струга, каде што ќе продолжи кампањата на ДПА за претседателските избори, информира партискиот изборен штаб во Струга.
Тачи, заедно со претседателскиот кандидат Илијаз Халими, ќе се сретнат со граѓаните на Струга и околните населени места. Посетата предизвикува особено внимание по денешната одлука на ДПА за исклучување од членство на градоначалникот на Струга Зијадин Села и првио човек на струшкиот огранок Лавдрим Елмази, поради несогласувањата со Тачи околу изборот за носител на кандидатската листа на ДПА во Изборната единица 5.
Несогласувањата меѓу Тачи и Села кулминираа откако лидерот на ДПА за носител во „петката“ го предложи Зија Јонузи. Јонузи е адвокат од Струга, кој факултетот го завршил во Приштина. За себе вели дека потекнува од скромно семејство на татко земјоделец и мајка домаќинка, оженет е и татко на една ќерка.
Но, иако ја има поддршката на лидерот Тачи, тој никогаш не беше прифатен од раководството на партискиот огранок во Струга, па веднаш по неговото кандидирање Села и Елмази упатија критики и изразија несогласување со неговиот избор за носител. Јонузи, по разрешувањето на Села, веднаш беше назначен на неговоот место во Претседателството на ДПА.
Села, на последните локални избори за градоначалник на Струга освои 11.414 гласа во првиот круг и 17.584 гласа во вториот круг, и успеа да го победи заедничкиот кандидат на партиите од македонскиот блок Владимир Кочоски.
Слично
