Тачи платил „богатство“ за средба со Трамп, која најверојатно нема ни да се оствари
Косовскиот претседател Хашим Тачи ангажирал американска лоби-компанија да му обезбеди средба со американскиот колега Доналд Трамп, но засега нема повратна информација дали таква средба и ќе се оствари.
Точно 517.198 евра и 56 центи од државниот буџет биле префрлени во јануари на сметка на компанијата „Ballard Partners“ од Вашингтон. Во договорот било наведено дека парите се наменета за консултантски услуги, за потребите на Кабинетот на претседателот, известува КТВ. Претседателот Хашим Тачи ја избрал оваа компанија, поради блискоста на првите луѓе на компанијата со канцеларијата на претседателот Трамп.
Како што пренесуваат косовски медиуми, Брајан Белард, на 20 март се состанал со Доналд Трамп и го предал барањето за средба со претседателот Хашим Тачи.
Во косовската легислатива формирана е парламентарната комисија од страна на Собранието, која ќе ги
испита сите документи на владата и на кабинетот на претседателот за потрошените пари.
