СВЕЖИНА ЗА МАЛИТЕ ФИРМИ: Кредити над милион евра за иновации
Во услови на слаба ликвидност и мал пристап до финансии за мали и средни компании, се отвораат нови можности за финансирање на иновативни проекти за домашните фирми. Банките почнаа да финансираат иновации, а на домашните иновативни фирми им се достапни кредити во вредност и над милион евра. Со парите се финансираат развојни проекти со кои компаниите ќе можат да ја зајакнат својата конкурентност, оти на таков начин обезбедуваат пари за инвестиции во современи технологии, енергетска ефикасност и го зголемуваат квалитет на работењето во концепт кој гарантира развој.
Од Силк Роуд банка велат дека на развојните и иновативни компании им нудат кредити од 25.000 евра до 1,5 милиони евра. Станува збор за кредитна линија која произлезе од договорот на банката со Европскиот инвестиционен Фонд (ЕИФ) и учеството во InnovFin гарантаната шема која нуди полесен пристап до пари.
„InnovFin програмата е наменета за иновативни мали и средни претпријатија во сите економски индустрии и правни фирми кои ги задоволуваат условите. Преку оваа програма, Силк Роуд банка овозможува континуирана поддршка на развојно ориентирани клиенти и овозможува подобрување на нивната конкурентност. Програмата е насочена кон олеснување на пристапот на мали и средни претпријатија до финансии за иновативни проекти. Наменета е за развојни ориенетирани компании и иновативни проекти, компании кои вложуваат во современи технологии, енергетска ефикасност и го унапредуваат своето работење”, велат од Силк Роуд банка.
До скоро малку банки нудеа кредити за малите компании, а малку се финансираа и иновации. Практично, на ваков начин се финансира инвестиција која е нова за компанијата, а која треба да ја модернизира. Компаниите и претходно се жалеа дека не успеваат да обезбедат пари за нови вложувања особено ако се иновативни.
Со кредитите кои го нуди банката се финансираат инвестиции во материјални и нематеријални средства, но и среднорочни вложувања, за обртен капитал за развој и ширење на бизнисот. Компаниите може да земат и краткорочен кредит за обртни средства поврзани со редовното работење на компаниите.
Инаку во зависност од висината на кредитот, се зголемува и висната на рокот за исплата на кредитот.
