Свежата и сеопфатна, а понекогаш и провокативна содржина на Фактор ги движи економските трендови
Драган Давитков, Претседател на Бордот на Директори на Американска Стопанска Комора на Северна Македонија
„Фактор” како економски електронски портал на пазарот, за една декада успеа да ги допре најзначајните теми и ги претстави различните ставови и размислувањата на креаторите на политиките. Неговата сеопфатната и свежа, а понекогаш и провокативна содржина, ги поттикнува економските трендови напред, со што усепеа да се наметне како значаен фактор на креирање на јавното мислење. „Фактор“ игра значајна улога во медиумскиот простор, посебно во време на криза, кога емоциите и стравовите се најсилни, а до вистинските и релевантни информации тешко се доаѓа.
Позицијата и улогата на „Фактор“ во македонскиот медиумски простор е значајна, но и одговорна. Во период кога сме под притисок на многу кризи и зголемена неизвесност, не смееме да го заборавиме претстојниот скрининг на ЕУ, при што несомнено се наметнува потребата од правилно насочување на фокусот за решавање на овие битни аспекти за економијата. Неопходно е медиумите да ја поддржат критичката мисла, да овозможат објективна и незавсина анализа на состојбите и да дадат насоки за можни решенија. На тој начин се дава поддршка на позитивните приказни и практики кои служат како мотиватор и двигател на позитивни промени во општеството.
Соработката на бизнис заедницата и медиумите е клучна за правилно и непристрасно да се информира јавноста при носењето на нивните бизнис одлуки. Информациите пласирани од медиумите истовремено помагаат за побрзо прилагодување кон трендовите и промените, како што е примерот за подготовка на домашните компании за влез во синџирот на снабдувачи на земјите од ЕУ и САД, согласно нивните стандарди и барања. АмЧам Северна Македонија верува дека само доколку постои воља, стратегија, посветеност и максимална заложба од страна на сите учесници на пазарот може да се дојде до креирање на одржлив бизнис еко-систем. Токму затоа нашите цели се кон зајакнување на регионалната соработка во ЈИЕ, со ЕУ и САД, дигитализацијата, даночните реформи, здравствениот систем и ЕСГ како круцијални аспекти кои ја засилуваат бизнис климата и овозможуваат одржлив раст.
Да не заборавиме дека и оправданата критичност од страна на медиумите значи насока за остварување на поголема конкурентност и постигнување на просперитетна економија.
АмЧам Северна Македонија е комора на големи и високо реномирани компании и работи во насока на претставување на нивниот начин на размислување и работа. Од тука претендираме да работиме со компании и медиуми кои имаат визија за подобра иднина и просперитетна бизнис средина.
