Економија, финансии, бизнис

Контакт

Светскиот македонски конгрес формира фондација за многудетни семејства

Светскиот македонски конгрес формира фондација за многудетни семејства
„Свети Никола“ е името на фондацијата за многудетни семејства што ја формира Светскиот македонски конгрес, организација која себеси се смета за застапник на интересите на Македонците во целиот свет. Според лидерот на СМК Тодор Петров, Свети Никола е одбран како патрон на Фондацијата, бидејќи станува збор за светец - заштитник на децата. „Веруваме дека судот на јавноста ќе оцени дали фондацијата работи според целите и задачите за кои што е формирана. Ние во тоа не се сомневаме. Очекуваме прилив на средства, а по објавата на јавниот повик за заинтересирани очекуваме и голем број Македонци кои ќе ги користат донациите од оваа фондација“, истакна Петров. Цел на фондацијата е афирмација на бракот и семејството, а според најавите, еден од членовите на одборот има повеќе од 10 деца, а членовите на управниот одбор ќе имаат повеќе од три деца. Освен директните донации, пари ќе се собираат и со телефонски јавувања, а семејствата со повеќе деца ќе се поврзуваат со оние кои немаат наследници по што имотот би можел да им остане на многудетните семејства. Светскиот македонски конгрес денеска го одржа 24-тото Генерално собрание, на кое уште еднаш упати апел до иселениците за враќање во нивната матична земја. „Македонија пати од проблемот на емиграција со децении наназад, а апелот како и многупати досега така и на ова Генерално собрание, е репатријација, враќање на родните огништа, а до власта да создаде услови за живот и работа во Македонија“, вели Петров. Се очекува на Генералното собрание да бидат донесени повеќе резолуции како за името на државата, правото на македонско државјанство за Македонците во светот, за репатријацијата на Македонците во своите родни огништа и обновата на македонското село, за семакедонското обединување на Македонците христијани и Македонците муслимани. Резолуции се очекува да бидат освоени и за геноцидот врз Македонците и окупацијата врз Македонија, за правата на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, за прогласување на Охрид за светски сеправославен центар, за унапредување на положбата и правата на Македонците во соседните држави, за помирување и обединување на Македонците во Австралија, за Македонската црква и за реституцијата на македонското културно богатство.
Слично

Поврзани вести