Економија, финансии, бизнис

Контакт

Светски рекорд во Европа: Под Алпите се гради најдолгиот железнички тунел во светот

Светски рекорд во Европа: Под Алпите се гради најдолгиот железнички тунел во светот

Длабоко под Алпите, огромни машини за копање тунели си пробиваат пат низ планинскиот масив. На преминот Бренер се гради најдолгиот железнички тунел во светот – инженерско ремек-дело создадено во Европа.

Штајнах ам Бренер е алпско село во Тирол и едно од најголемите градилишта во Европа. Токму таму се гради Бренерскиот базен тунел, кој ќе ја поврзе Австрија со Италија и ќе биде клучна алка во трансевропскиот железнички коридор меѓу јужна и северна Европа, пишува euronews.

Со вкупна должина од 64 километри, оваа огромна подземна железничка линија треба да стане најдолгата во светот. Проектниот менаџер Себастијан Рајман вели дека Европејците можат да бидат горди на тоа што го создаваат, оценувајќи го проектот како заеднички европски напор.

Неговиот колега Андреас Амбрози додава дека на градилиштето работат луѓе од 11 европски земји, како и водечки европски компании. Само германската компанија Herrenknecht има осум машини за копање тунели во употреба.

Herrenknecht важи за пазарен лидер во производството на големи машини за копање тунели. Масивните машини имаат моќност од околу 6.000 коњски сили, а дел од нив се високи речиси 20 метри и долги неколку стотици метри.


Компанијата вработува околу 5.000 луѓе ширум светот и има годишен промет од над една милијарда евра. Нејзините машини копаат тунели под Жолтата Река, под Панамскиот Канал, низ Алпите, но и низ планини на Хималаите.

Компанијата е основана пред половина век од инженерот Мартин Херенкнехт, кој денес важи за едно од влијателните имиња во германската индустрија.

Во интервју за Euronews, Херенкнехт зборува и за економската конкуренција со Кина. Запрашан дали Европа треба да им даде предност на производите произведени во Европа, особено при јавни набавки, тој одговори дека тоа е „единствената опција“.

Според него, европските компании се под притисок од кинескиот ценовен дампинг. Тој посочува дека бруто-часовницата на заварувач во Европа може да биде околу 50 евра, додека во Кина околу 15 евра, а дополнително Кина настапува и со значително поевтин челик.

На прашањето дали Европа треба да одговори со заштитни царини, Херенкнехт вели дека без царини против Кина, Европа ќе се соочи со сериозен индустриски пад. Тој оценува дека во Брисел долго се дебатира, но недостига конкретна акција

Фото: Принтскрин/Икс

Слично

Поврзани вести