Светска Банка бара нови работни места: Македонија со најнизок раст
Македонија ќе оствари раст на БДП годинава од 2,9 проценти, а во 2020 година економијата ќе порасне со стапка од 3,2 проценти, соопшти Светска банка во најновиот полугодишен извештај за земјите од Западен Балакан. Овие стапки се меѓу најниските во регионот. Имено од шесте земји единствено за Црна Гора се предвидува стапка на раст годинава иста како во земјава, додека за следната година Светска банка проектира раст на црногорскиот БДП од само 2,4 проценти. На ниво на цел Западен Балкан годинава економијата се очекува да порасне со стапка од 3,5 проценти. Во извештајот стои и дека земјите треба да забрзаат со реформите. Државите од регионот, сметаат експертите на Светска банка и покрај тоа што испорачале раст, не успеале да создадат нови работни места.

„Само 96,000 работни места беа создадени во Западен Балкан во 2018 година, повеќето во индустријата и услугите, споредено со 171.200 работни места создадени во 2017 година. Невработеноста се намали во 2018 година, но остана висока, особено за жените и младите. Во некои земји, намалувањето на невработеноста произлезе од зголемената неактивност и емиграција, а не од новите работни места, стои во извештајот.
Според Светска банка неактивноста на работната сила, а пред се имиграцијата е причина за намалувањето на невработеноста во регионов, а не ново отворени работни места.
„Креаторите на политики во регионот треба да имплементираат реформи кои ќе овозможат генерирање на одржлив развој кој поттикнува создавање работни места“, вели Линда Ван Гелдер, директор за земјите од Западен Балкан при Светска банка.
Извештајот истакнува дека во земјите во кои процесот на фискалната консолидација е напредна, нивниот јавен долг се намалува и дека е важно да се сочуваат тие придобивки. Јавниот долг останува висок во повеќето земји, а во јавната потрошувачка доминираат јавни плати и нетаргетирани социјални програми. Затоа, подобрување на ефикасноста и правичноста на јавната потрошувачка, како и зајакнување на даночната мобилизација останува приоритет за земјите од Западен Балкан.
Светска банка ги разгледува и предизвиците на човечки капитал во регионот. Според нив ако земјите не се осврнат на нив, овие предизвици сериозно ќе ги ограничат изгледите за раст и намалување на сиромаштијата.
