Извештај на Светска банка: Предупредување за јавниот долг, пофалби за економскиот раст
Светска банка даде позитивна оценка за економската состојба во змјава, но предупредува за јавниот долг и негова контрола иако не се наоѓа во опасната зона. Ова е дел од редовниот полугодишен извештај на оваа институција, каде што осврт има за економската состојба во сите земји во регионот.
Со оглед на тоа што во извештајот се разгледува состојбата во шест земји, Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гораво, земјава е на прво место во однос на економскиот раст. Позитивни оценки има и за намалувањето на невработеноста.
Според Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, во однос на јавниот долг , тој не е загрижувачки, но треба да се контролира.
„Македонија нема јавен долг што излегува од контрола во споредба со другите земји во регионот. Меѓутоа Владата треба и понатаму сериозно да го сфаќа ова прашање како што беше и досега“, изјави Проскурјакова.
Како главни обврски притоа се потенцираат намалување на сиромаштијата и порамномерна распределба на приходите. Позитивно е тоа што Македонија излезе од рецесија, но како што додава Проскурјакова, бенефит од тој раст треба да имаат граѓаните, што значи дека треба да се зголеми вработеноста.
„Во Македонија проблем е што од една страна луѓето не можат да најдат работа, а од друга страна компаниите имаат проблем да ги пополнат работните места, особено оние за кои се потребни квалификувани работници. Мора да се фокусирате на вештините на луѓето, но и на бизнис климата“, рече директорката на Канцеларијата на Светска банка во земјава.
Како што посочуваат од Светска банка, се очекува раст од 2,5% годинава, односно 3% во следната година во Македонија. Во однос на регионалниот просек се прогнозира раст од 1,8% оваа и идната година.
Слично
