Светска банка ветува пари за инфраструктура, проекти за невработени и иновации
Состојбата со реформите во Македонија е оценета позитивно и како поповолна од земјите во регионот, вели вицепремиерот Зоран Ставрески, по вчерашните средби во Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашигтон. Според него, се очекува подобрување на состојбата и во земјите на ЕУ што ќе се одрази позитивно и на Македонија.
Се поздравува економскиит раст и намалувањето на невработеноста, вели вицепремиерот кој додава дека во Вашингтон се зборувало за проекти од инфраструктурата и проекти за подобрување на работната сила.
„Токму за такви проекти разговаравме со Светската банка и имаме ветување од нивна страна дека ќе обезбедат финансиска поддршка во рамките на стратегијата која ја подготвува Светската банка за Македонија, за следниот тригодишен период, ќе има проект за финансирање на реконструкција на патишта и проширување на патни делници во Македонија, и за подобрување на човечките вештини на невработените со цел да може подобро да се снајдат за подоцнежно вработување и за поддршка на иновацискиот фонд“, изјави Ставрески.
И гувернерот на Народната банка со позитивен став за средбите со претставниците на ММФ и на Светската банка.
„Имаме доста средби и ја користиме секоја можност да ги искажеме нашите видувања за македонската економија. Охрабрени сме дека конечно европската економија излегува од рецесија, иако се уште сме претпазливи. И тука доминираат тие тонови, дека има повеќе оптимизам, но со претпазливост. Сето тоа треба поволно да се одрази на одржлив раст на македонската економија“, вели Богов.
За Елен Голдстин, директорка на Светската банка за Западен Балкан македонските реформи напредуваат добро.
„Македонија напредува сосема добро во посветеноста да се реформира. Има одреден раст и се справува со некои од најважните реформи во поглед на условите за водење бизнис. Но, поради тоа што општата ситуација во Европа не е многу поволна, ефектот од спроведувањето на овие реформи во многу погледи беше намален и затоа јавноста смета дека овие реформи не доведоа до нивото на раст и вработеност кое би сакале да го видиме во Македонија. Гледаме дека со економскиот раст, не секогаш имаше и подобрување на вработеноста, што останува крупно прашање. Затоа најмногу работиме како да ги преточиме спроведените реформи во конкретни инвестиции на терен, кои ќе го зголемат растот и ќе создадат работни места за Македонија. Особено работиме и ја поддржуваме областа на вештини и иновации, да ја направиме македонската работна сила навистина атрактивна за инвеститорите кои доаѓаат, и за домашните инвеститори“, вели Голдстин за МИА.
Слично
