Светска банка овозможи нови 400 милиони долари за Македонија
Бордот на извршни директори на Групацијата Светска банка вчера ја разгледуваше новата Стратегија за партнерство со земјата (СПЗ) за Република Македонија за периодот 2015 -2018 година која што се базира на развојните приоритети на Владата и двојните цели на Групацијата Светска банка за намалување на сиромаштијата и поттикнување заеднички просперитет на одржлив начин.
Имено, според Групацијата на Светска банка Македонија има солидни резултати во прудентно макроекономско управување и го одржа растот и ја зголеми вработеноста за време на глобалната криза.
Новата Стратегија за партнерство ќе ја поддржи земјата во постигнување повисок и поинклузивен раст, кој ќе се претвори во работни места и зголемен приход за сите сегменти во општеството, со што на располагање и овозможува користење на 400 милиони долари за земјата во наредниот четиригодишен период во спроведување на Стратегијата, соопштуваат од Светска банка.
Севкупно, од Групацијата Светска банка информираат дека ќе ја поддржат Владата со цела низа финансиски, услуги за знаење и организирање за поддршка за овие цели,како и обезбедување помош во неколку сектори како транспорт, енергетска ефикасност, управување со јавни финансии и социјална заштита.
“Благодарение на силните резултати од прудентното управување и структурните реформи, земјата оствари солиден раст, кој сега се зголемува и вработеноста почна да расте“, вели Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на Светска банка за Македонија. “Останува предизвикот да се гради врз овој успех и да се обезбедат нови можности за сиромашните и обесправени групи, кои се уште немаат корист од економскиот раст колку што очекувавме. Новата Стратегија на Групацијата Светска банка настојува да промовира побрз раст, но со подобра инклузија, така што со забрзување на закрепнувањето, сите сегменти на општеството ќе имаат корист од создавањето работни места.“
Македонија стана членка на Светска банка во 1994 година. Од тогаш, Светска банка инвестираше 1,7 милијарди долари заеми и грантови преку повеќе од 40 операции, вклучувајќи инвестиции во енергетскиот сектор, патишта, земјоделство, здравство, социјална политика, иновации, вештини и други области. Сегашното инвестициско портфолио на Светска банка се состои од седум заеми во вкупен износ од 369 милиони долари.
