СВЕТСКА БАНКА КАКО ПОУКА: Цената на растрошноста мора да се плати!
Светска банка во извештајот алармира дека Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување е во опасност, неговата зависност од државниот Буџет постојано расте, што ја доведува во прашање одржливоста на државниот фонд на среден рок.
Извештајот на Светската банка e реална слика за македонската економија, оценуваат економистите. Посочувааат дека проекциите на Светска банка за раст на економијата од 2 проценти годинава, се очекувани со оглед на долгата политичка криза.Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, проекциите за економскиот раст за годинава и следните две години, се јасна порака дека закрепнувањето на македонската економија после политичката криза нема биде брзо.
„Прво, Светска банка го нагласува консензусот и во домашната и во меѓународната експертска јавност дека растот годинава е преполовен од политичката криза и ќе се заврши со околу 2%. Исто така, е во линија со дел од домашната експертска јавност дека растот за 2017 од околу 3% во моментот изгледа разумен, бидејќи се темели на делумно разрешување на политичката криза, односно таа бројка претпоставува дека „одмрзнувањето“ на економијата после политичката криза нема да оди многу брзо ниту лесно, имајќи предвид дека просторот за било каква фискална експанзија е целосно истрошен, вели Петрески.
Светска банка во извештајот алармира дека Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување е во опасност, неговата зависност од државниот Буџет постојано расте, што ја доведува во прашање одржливоста на државниот фонд на среден рок. Како причина за притисокот врз Фондот за ПИОМ, претставниците на Светска банка ги посочија новите вработувања потпомогнати со владините мерки, кои предизвикале намалување на приходите во фондовска каса, поради што дефицитот се покрива со пари од централниот Буџет.
И економистите веќе одамна алармираа дека состојбата на државниот пензиски фонд се влошува, но сметаат дека причината не треба да се бара во владиниот проект „Македонија вработува“.
„Познато е дека пензискиот фонд е во ситуација која постојано се влошува. Не би рекол дека тоа е поради проектот „Македонија вработува“, од проста причина што тие луѓе кои се вработиле со тој проект, претходно не плаќале придонеси, па не плаќаат ниту сега. Значи, дефицитот не може да се проширува по тој основ, туку тој притисок врз фондот ќе се јави подоцна, кога тие луѓе ќе треба да се пензионираат и да побаруваат од фондот.
Дефицитот се проширува под влијание на постојаното зголемување на пензиите над капацитетот на економијата (тие секоја година се зголемуваат повеќе од зголемувањето на економијата вкупно), како и под влијание на тоа што бројот на пензионери расте непропорционално со работниците за кои се уплаќаат придонеси. Тој извор на ризик треба да се елиминира најскоро можно. Сепак, треба да потсетиме дека дел од сегашниот пензиски дефицит беше креиран во моментот кога преминавме од едностолбен на тростолбен систем и тоа беше политичка одлука дека ќе се преземе тој дефицит. Тој ќе се елиминира само со тек на време, кога во економијата нема да има пензионери кои се финансираат само од државниот столб“, вели Петрески.
ВМРО ДПМНЕ / СДСМ - кој е виновен за намалениот економски раст?
Последниот извештај на Светска банка, е повод за нови обвинувања помеѓу власта и опозицијата.Според дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов, извештајот наа Светска банка е потврда за предупредувањата на опозицијата во однос на темпото на задолжувања и нивото на јавен долг.
„Начинот на којшто владее актуелната власт, преку задолжувања, негативно се одразува на економијата.Светска банка во Извештајот ги потврдува податоците што ги соопштив на граѓаните дека износот на јавниот долг за 2016-та година ќе изнесува 50 проценти. Банката соопшти дека очекува јавниот долг на Македонија да достигне 52.2% во 2017 година.Исто така Светска банка предупредува за дефицит од 3.4% следната година што потврдува дека актуелната власт носи неразвојни буџети за економијата. Податоците во Извештајот на Светска банка се загрижувачки, ако се земе предвид предупредувањето од ММФ дека Македонија не смее да го покачи јавниот долг над 50% од БДП бидејќи ќе има проблеми со сервисирањето на долговите“, изјави Наумов.
Од владејачката ВМРО ДПМНЕ возвратија- опозицијата е виновна за политичката криза и намалениот економски раст.Од партијата обвинија дека половина од државниот долг е направен во време на СДСМ, а сега Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа.
„Светска банка јасно и недвосмислено посочи дека успорувањето на економскиот раст, странските инвестиции, а со тоа и зголемување на буџетскиот дефицит со цел да се задржи растот, се директна последица на политичката криза која во Македонија ја создадоа аболицираниот криминалец Зоран Заев и СДСМ.СДСМ е одамна познат по попустите обиди за измислување катаклизмични сценарија за пропаста на македонската економија и презадолженоста. И покрај политичката криза Светска банка оцени дека нивото на раст на Македонија е за респект во Европа, како и дека нејзиниот потенцијал е многу поголем и ќе се реализира по завршување на политичката криза која СДСМ ја креираше“, стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.
Во извештајот Светската банка предупредува на отуството на фискална консолидација која иако се најавува изминативе години, сеуште не се реализира.Јавниот долг се очекува да достигне 50 отсто од бруто-домашниот производ, а во 2018 година 54,1 отсто од БДП, како резултат на зголемувањето на фискалниот дефицит и растот на владините гаранции. Светска банка укажува дека се потребни структурни реформи, намалување на фискалниот дефицит и на јавниот долг.
Т.С
