СВЕТОТ „НА РЕЗЕРВА“: Најголемо пореметување во снабдувањето во историјата- Европа пушта 108 милиони барели нафта од залихите
Европските влади и енергетските компании ќе пуштат вкупно 108 милиони барели нафта и нафтени деривати од стратешките резерви со цел да се стабилизира пазарот во услови на сериозни нарушувања во снабдувањето со енергенси, соопшти Меѓународната агенција за енергија.
Според агенцијата, владите ќе ослободат 32,7 милиони барели, додека компаниите ќе пласираат дополнителни 74,7 милиони барели нафта и нафтени деривати.
Од вкупната количина, околу две третини – односно 73 милиони барели – се нафтени деривати, додека преостанатите 35 милиони барели се сурова нафта.
Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави најавија дека од крајот на март од своите стратешки резерви ќе пуштат 172,2 милиони барели сурова нафта.
Членките на Меѓународната агенција за енергија минатата недела едногласно го прифатија предлогот на агенцијата да се ослободат околу 400 милиони барели од резервите за да се стабилизира глобалниот пазар на нафта поради кризата на Блискиот Исток.
Според неделниот извештај на агенцијата, на светскиот пазар ќе бидат пласирани вкупно 411,9 милиони барели нафта и нафтени деривати, од кои 72 проценти ќе бидат сурова нафта, а 28 проценти деривати.
Земјите од регионот на Азија и Океанија планираат веднаш да пуштат речиси 109 милиони барели нафта и деривати од своите резерви.
Од агенцијата предупредуваат дека војната на Блискиот Исток предизвикала најголемо нарушување во снабдувањето со нафта во историјата.
-
Ослободувањето на резервите носи значајно и добредојдено олеснување, но клучниот фактор за стабилизација на снабдувањето е нормализирање на транспортот низ Ормускиот теснец – наведуваат од агенцијата.
Извршниот директор на агенцијата Фатих Бирол предупреди дека сегашната ситуација може да потрае.
-
Дури и ако транспортот низ Ормускиот теснец се обнови веднаш, ќе биде потребно време светската трговија со енергенси целосно да се опорави – изјави Бирол.
Членките на агенцијата во моментов располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели нафта во стратешките резерви, додека компаниите држат уште околу 600 милиони барели, согласно законските обврски.
Србија данас