Економија, финансии, бизнис

Контакт

Светот има шест месеци да избегне глобална криза со храна

Светот има шест месеци да избегне глобална криза со храна

Меѓународната организација за храна и земјоделство (ФАО) предупреди дека затворањето на Ормускиот теснец би можело да предизвика сериозна глобална криза со цени на храна во следните шест до 12 месеци, ако владите веднаш не преземат мерки.

Според проценките на ФАО, одлуките кои земјоделците и владите ќе ги донесат сега за употребата на ѓубрива, увозот, финансирањето и изборот на култури ќе одредат дали цените на храната ќе се зголемат нагло кон крајот на годинава или на почетокот на 2027.

Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, изјави дека земјите мора да ја зголемат отпорноста на своите економии и прехранбени системи за да ги ублажат последиците од можни пореметувања.

„Мора сериозно да размислиме како да го зголемиме капацитетот на државите да го апсорбираат овој шок и да ги минимизираат потенцијалните последици“, рече Тореро.

ФАО нагласува дека последиците веќе се видливи: Индексот на цени на храна кој ја следи месечната промена на меѓународните цени на прехранбени производи пораснал трет месец по ред во април, поттикнат од високите цени на енергија и пореметувањата поврзани со конфликтот на Блискиот Исток.

Агенцијата предупредува дека кризата ќе се развива постепено: прво преку раст на цените на енергијата, потоа ѓубривата и семето, потоа преку намалени приноси, зголемување на цените на земјоделските производи и на крајот преку поскапување на храната за крајните потрошувачи.

Најголем ризик им се заканува на сиромашните земји во Азија, Африка и Јужна Америка, каде голем број жители веќе имаат тешкотии со пристапот до доволни количини храна. Многу од овие земји традиционално зависат од увоз на азотни ѓубрива од Блискиот Исток.

Предупредувањето на ФАО следи еден ден по тоа што Европската комисија го претстави долго очекуваниот акционен план за ѓубрива, кој се фокусира на долгорочни мерки како рециклирање на стајњак и земјоделски отпад.

Сепак, планот не вклучува итни мерки кои би можеле брзо да ги намалат трошоците за ѓубрива за европските фармери, како суспензија на царините за увоз на руски и белоруски ѓубрива или привремено укинување на европскиот данок на јаглерод при увоз.

ФАО ги повика владите да најдат алтернативни трговски патишта кои би го заобиколиле Ормускиот теснец, да избегнуваат ограничувања на извозот и да ги заштитат хуманитарните прехранбени токови од можни трговски рестрикции.


Слично

Поврзани вести