Економија, финансии, бизнис

Контакт

СВЕДОШТВО НА ЕДЕН ОД ПРИВЕДЕНИТЕ: Море марш копиле, носи го во станица….

СВЕДОШТВО НА ЕДЕН ОД ПРИВЕДЕНИТЕ: Море марш копиле, носи го во станица….
„Еј мамо, тука е мирно. Доаѓам дома да јадам и да се пресоблечам“- ова се зборовите кои околу 20 часот  ги кажал Горјан Атанасов, еден од приведените на минатонеделните протести пред да биде уапсен заедно со своите сограѓани и колеги ноќта помеѓу 13 и 14 април. Вели, мислел ноќта ќе биде мирна како и секоја друга, вообичаено ќе се подготвува за професионалните обврски. Но го доживел сосема спротивното. Ноќ која ќе ја памети цел живот. Ноќ во која ќе ја спознае  борбеноста која како порив го тера да истрае докрај, нечовечноста која иако со моќта на пендрекот и бруталноста неможе да го скрши духот на надежта, но и фактот дека секогаш и на другата страна може да се најде по некој вистински човек, “од мајка роден” кој професионално и пред се човечки ја согледува реалната ситуација. Горјан Атанасов за Фактор ги раскажува своите сведоштва, полициската бруталност и искуството од протестите кои вели го направиле уште посилен и поупорен во својата борба. Протестите продолжуваат и денес, а тој како што вели, сигурно ќе биде дел од нив. Но еве низ која голгота, под притисокот  на полицискиот пендрек и низ  полициските ходници  минал еден од најактивните  студенти,  кој минатата година  рамо до рамо со своите колеги  се бореше за одбрана на универзитетската автономија и достоинство, како дел од Студентскиот пленум. “Се возев на велосипед, мирен затоа што знам дека сите другари и познаници на протестот на Рекорд кој се упати кон Собрание се безбедни. Групата контра-демонстрани на која налетавме со колегата некоја минута претходно враќајки се од работа беше замината. Таму завршивме сосема погрешно, збунети исто како лицата на оние кои беа таму и грицкаа семки во молк”-раскажува Атанасов. Еве го продолжението на неговата реална и како што вели, на свој грб доживеана приказна: 20:30 часот. Седам во кујна и јадам. Ми ѕвони телефонот, ме бара колегата Бранко од факултет. Ми кажува дека двајца се повредени пред Собрание, дека телевизиски камерман има расечена глава. Mи вели „Фаќам такси, те собирам. Одиме таму да снимаме.“ „Немој бе сине, ај седи дома. Не ми прави стресови, те молам...“ ми вели мајка ми. „Не се секирај, пазам. Ќе снимаме со Бранко, двајцата внимаваме еден на друг постојано. Ми треба ова да го снимам за дипломската.“ Излетав од дома. 21:10. Рекорд е хаотичен. Камења летаат насекаде, звуци од скршени стакла се одбиваат од зградите. Бранко го држи апаратот кренат во раката. Влегуваме во гужвата. Одеднаш, ЕБР се поставува од десно пред Министерството за правда. Се движиме лево на другата страна од улицата. Од таму уште еден кордон. Се поставуваат во формација и не истиснуваат. Држејќи го колегата додека снима и влечејќи го наназад, се извлекуваме до О.К. Центар на ВМРО-ДПМНЕ. Тука кордонот застанува. Дел од луѓето викаат по нив, дел почнуваат да се спротивставуваат. Еден дечко пред мене почнува да удира по кордонот со раце и нозе. Го повлекувам за вратот наназад викајќи да не мава за да не се стрчаат кон нас. Се стрчаа. Некој од ЕБР ми удира клоца додека бегам. Се вртам. Една жена е турната пред кордонот. Ја маваат со пендреци, а таа вика. Колегата ме влече. Друг човек се стрчува кон неа и ја трга од пред кордонот, но го сопнуваат. Паѓа на земја и го маваат. Со една рака го држам колегата, со друга го влечам човекот што лежи доле. „Не мавај! Не мавај!“ викам. Крвав поглед и пендрак во вис Од вториот ред на кордонот некој со крвав поглед и пендрак во вис ми извикува со пцости „Море дојди тука п.... ти м.......! Дојди!“ Го пуштам колегата и со двете раце го повлекувам човекот што лежи долу. Ми се слизнува и тој, излетувам наназад и се наоѓам во раце на припадник на ЕБР кој стои зад мене. „Мирен сум, не мавај. Не мавај!“ -извикувам со кренати раце. „Смири се!“ вика тој. „Легни го доле! Легни го!“ - вика полицаецот со крвав поглед. На земја сум со двајца полицајци од ЕБР над мене. Повторувам „Не пружам отпор!“- додека ми извикуваат „Смири се! Не пружај отпор! Смири се!“, а јас само повторувам „Смирен сум, смирете се и вие!“ Човекот со крвав поглед почнува да вика „Копиле, ти ќе маваш со камења?! Врти го на стомак! Врти го! Ставај лисици!“ Ме вртат. Од страна ја слушам другарка ми Сибел како извикува „Не Горјан! Не! Пуштете го!“. Ѝ викам „Бегај од тука!“. Некој ми вика „Спушти главата доле“. „Само немојте многу сила, носам леќи!“ и во тој момент со огромна сила некој ме згазнува по глава на самиот тил. Се удирам во тротоарот. Леќата од десното око ми испаѓа. Барам каде е падната и гледам локва крв под мене. Блицови од сите страни. Камери снимаат. „Шефе, крвари!“ -вика едниот „Крени го! Носи го во станица“ извикува другиот. Ме креваат, некој од позади ме шутнува и вели „Море марш копиле, носи го во станица, п.... му м........!“. 13007309_1753896868173928_2789196706880882518_n Без лисици, со двајца полицајци покрај мене,  свиткан на половина, ме носат кон ПС Беко. Од џебот го слушам телефонот. „Ми ѕвони телефонот. Имам мајка што ме мисли, нели ви е жал?“. Ме приклештуваат посилно. Горјан, прекини! „Горјан, прекини!“. Кревам глава. Во иста положба и свиткана од двајца полицајци е и Сибел. Истата што викаше да ме ослободат додека ме апсеа на земја. Нè внесуваат во ПС Беко. Сибел ја снемува. Ме седнуваат во ходникот. Внесуваат уште луѓе. Погледнувам надолу, целата облека ми е со крв. Ѕвони телефонот повторно. Мајка ми. „Каде си?“ -ми вели, „Во Беко, ме приведоа.“ Молк. Трае неколку секунди, изгледа како вечност. Дали да ѝ кажам дека крварам? „Во ред сум, не мораш одма да доаѓаш, да видиме што ќе биде“ -ѝ велам. „Тргнувам одма.“. Нѝ наредуваат сите телефони да ги оставиме на маса, да не снимаме случајно. Нѝ земаат податоци. Ѕвони татко ми. Полицаецот спушта. „Дајте ми да се јавам, татко ми е.“ Ѕвони повторно, полицаецот повторно спушта. Крварам, дајте ми палома Проаѓа скоро половина час, се уште крварам. „Дајте ми палома или хартија, не престанува да тече крв!“ им велам на полицајците. Сите ме игнорираат. По некое време повторно барам и повторно молк. Еден од приведените бара палома за мене. Друг полицаец од страна фрла пакетче палома на земја. Како на куче. Ја земам паломата, вадам една и ја ставам на брадата. Чувствувам влага на раката низ паломата. Целата е крвава. Вадам втора, па трета. „Многу крварам, имате ли газа? Може ли да викнете брза помош?“, „Седи таму, не може сега ништо.“. Еден припадник на ЕБР ме носи до тоалетот да се измијам. На враќање ми вели „Молчи, соработувај и ќе ве пуштат.“ timthumb Влегуваат мајка ми, татко ми и сестра ми. Ме гледаат со крв по лицето, дуксерот, пантолоните, патиките... Мајка ми молчи, татко ми получујно ми вели „Што ти е тоа?“, му велам дека ме згазнаа по глава додека ме апсеа. Полицаецот почнува да ги брка надвор, татко ми одбива. Гледам дека и тој и мајка ми се скршени, избезумени и без идеја како да му помогнат на своето дете. Татко ми се пробива и седнува до мене со солзи во очите. Полицајците почнуваат да се закануваат дека ќе го приведат. И јас и мајка ми едвај го тераме да излезе. Уште колку ќе не држат вака? Што прават сега? Зошто од време на време го слушам моето име од другата просторија? Каде се моите? Добри ли се другарите? Одеднаш сите се појавија на врата. Кај сите истиот поглед како кај моите кога ме видоа прв пат. Еден другар кој е во Црвен Крст со легитимацијата успева да влезе. Ми ја гледа брадата и бара брза помош. По половина час доаѓа. Два часа по приведувањето конечно брза помош. „Ова ќе мора да се шие што побрзо. “ ми вели докторката. Ме чистат и ми ставаат преврска. Наивно е да очекуваш емоција од инспекторот Доаѓа адвокатката повикана од Хелсиншки. Се запознаваме и ѝ објаснувам што се случило. По некое време ме викаат на распит. Раскажувам што се случило од збор до збор. Очекувам некаква емоција од инспекторот. Наивно нели? Тој ладно прешкртува квадратчиња на некаков си формулар. Ми објаснува дека сега треба истото да се запише од збор до збор. Можел и он, а сум можел и јас сам да го напишам. „Најубаво ти сам да си го напишеш.“ . Го пишувам. Ме враќаат долу. Се уште никој не кажува што се случува. Се уште името си го слушам наоколу како го кажуваат непознати гласови од непознати простории. Ја гледам Сибел како пуши цигара пред станицата. Надвор има уште 20 до 30 луѓе. Очигледно направиле притисок, па полицајците малку омекнале. Ме пуштаат и мене да излезам на цигара. Веднаш ми се приближуваат моите родителите и уште двајца-тројца. Почнувам да раскажувам што се случило гледајќи надолу. На половина приказна, ја кревам главата и забележувам дваесетина луѓе што ги знам и што не ги знам, како ме гледаат. „Ајде гаси цигарата, внатре сите“. Нѝ даваат да користиме телефони. Отворам фејсбук и ме напаѓаат пораки. Сликата од мене и Сибел како не апсат е насекаде. Пробувам да одговорам на неколкумина дека сум добро сега за сега, ама премногу се. Сакам да ја сочувам батеријата, не знам колку ќе не задржат. Абе не гледав утакмица, Барса изгубија... Конечно ме носат на шиење во Градска болница. Со мене се еден полицаец и еден инспектор. Мајка ко мајка, по мене заедно со другарот.  „Абе не гледав утакмица, Барса изгубија..“ вели инспекторот. Влегувам во Градска, ме легнуваат да ме шијат. Ми ставаат три конци и излегувам назад. Се возам повторно во комбето помеѓу полицаецот и инспекторот. „Може ли да те прашам нешто, ама како пријател вака?“ ми вели инспекторот, „Ќе ти каже ли некој фала за ова?“. Сакам да му одговорам дека не го правам ова за да ми кажат фала. Или дека се надевам дека можеби тој еден ден ќе ни каже фала на сите нас. Затоа што не сум сам во ова. Сепак, решавам да премолчам. Назад во станица. Ќе не гонат кривично, така ми пренесуваат. Ќе сме морале да преспиеме по станици, дел во Беко, дел во Кисела Вода, останатите во Гази Баба. Некако не ме загрижува ова, знам дека нема за што да ме гонат. Нити сум мавнал, ниту сум фрлил камен. Тука сум затоа што сакав да помогнам некому. Наредните 2 или 3 часа, не знам колку точно, чекаме да ни кажат кој каде ќе биде префрлен. Јас заедно со колегата и уште двајца во Гази Баба, други во Кисела Вода, а за останатите не разбрав. Нѝ дадоа да пушиме цигари надвор додека чекаме да не однесат. Оди првата тура приведени за Кисела Вода. По некое време се враќа комбето, отвора задна врата па отвора решетки. Вади список и не чита со име и презиме четворицата. Влегуваме, ја затвораат решетката и ја трескаат вратата. Тргнуваат да возат. Не се гледа каде одиме, само секоја кривина ја чувствувам и мислам дека ќе се превртите во секој момент. Конечно сфаќам зошто комбето го викаат „Компирка“. Во Гази Баба  не пречекуваат двајца полицајци. Фини се. Повеќето од полицајците со кои бев во контакт тие 24 часа всушност не поддржуваа. Викаа дека сме поделени како народ. Дека ни треба единство, така и они би попуштиле. Нѝ вадат се од џебови, врвци од дуксери, каиши и останати предмети. Ги попишуваат на една листа и не носат кон ќелиите. Отвора една челична врата со мало квадратче кое се отвара на горниот дел од вратата. Потоа следи ходник со уште четири такви врати една до друга. Ја отвора втората, тргнувам да влезам, но полицаецот ми вели да соблечам патики. Ги соблекувам, влегувам, на шала ми вика „Уживајте во престојот, добра ноќ“. Ајде Горјан, дојдоа твоите Стојам некоја минути и набљудувам. Над вратата има мало светло кое едвај и да свети, еден кревет, едно или две ќебиња (не се гледа во темницата) и перница. Изгледа чисто. Топло е. Тивко е. Ги затвораат сите челични врати. Тишина е. Лежам веќе десетина минути. На неколку наврати ми се враќа сликата од двајцата полицајци како стојат над мене и викаат. Неколку пати ми текнува на крвавиот поглед. Заспивам несвесно. Ме буди тропање на челична врата. „Ајде Горјан, дојдоа твоите.“ Збунет сум, каде сум, зошто сум тука, што се случува, кој е полицаецот, не е истиот од вчера. На финиот полицаец му завршила смената. Ме носат во друга просторија, таму се моите. Ми донеле јадење, ме прашуваат како сум. На сред муабет и јадење полицаецот вели да побрзам, завршило времето. Кафе и цигари не смеело. Такви биле правилата. Ме вратија назад, мајка ми тргна да ме гушне, но на пола се пресече и го праша полицаецот дали смее. Сепак ја повлекувам и ја гушкам. Лежам на креветот. Пред мојата врата на ѕидот е залепен еден плакат на кој пишува „Ги знаеш ли твоите права?“ Правата на приведениот. Додека лежам на креветот, низ прозорчето, го гледам само делот „...твоите права?“ и тоа упорно и упорно го ми краде поглед. Како некој да го ставил за да се шегува со мене. Заспивам за да утепам време. Над креветот има камера која на нееднакви временски интервали прави звук како да фотографира. На едниот ѕид има армиран прозор со мат стакло низ кое не се гледа дали е сончево или облачно. Сијаличката на вратата се уште свети. Заспивам од досада неколку минути. Или можеби саат. Не знам. Тука веќе целата ситуација станува налудничава. Губам осет за време, нема никакви подвижни предмети во собата, не знам дали надвор е сончево или врне, не знам што ќе се случува следно, каде се моите, како се останатите во другите станици... Па параноја од типот „А што ако не наместат и сепак ни дадат кривични пријави и притвор?“ Правата се еднакви за сите, ама за некои не се „...твоите права?“. Ги читам тие зборови низ тоа мало прозорче и си мислам: како тоа правата се еднакви за сите, а некои сепак од распит си заминуваат со мерцедес. Зошто не се во соседната келија? Зошто јас, иако сум невин, сум тука? Заспивам бесен. Ме буди повторно лупање на челичната врата. Повторно друг полицаец. Ме повикува во истата просторија каде што зборев со моите, каде што јадев, каде што зборев со адвокатката. Но таму седат уште двајца нови полицајци. Ќе не пуштат со прекршочни пријави, не со кривични. Ако пројдат и кривичните на суд воопшто. Си ги собирам парталите и едвај дочекувам да излезам. Надвор се моите и сите што во последните 24 часа не чекале мене и тие со мене. Се гушкаме и со моите тргнуваме накај дома. Се јавувам на сите што ме барале, враќам на сите што ми пишале. Мајка ми конечно по 24 часа легнува да спие.  Јас не можам да спијам иако сум дома, во мојот кревет. Гледам дека и Сибел е будна, седи на фејсбук. Она не можела да спие од страв дека ќе се разбуди пак во истата ќелија. Потсвест. Колку и да си невин и добар, некој ќе ти ја поремети и твојата и на тие околу тебе. Се будам. Ново утро. Пијам кафе и пушам цигара. Никој не ме брза ниту ми брани.  Слободата се врати, но гневот остана. И кај мене, и кај моите. Дури е поголем. Поголем и од стравот. Менувам преврска на брадата, се облекувам и со мајка ми и сестра ми одиме на протест. Затоа што повеќе нема страв. Затоа што ова лудило мора да заврши. Затоа што никој невин не заслужува да пројде низ истото. Затоа што заедно сме во борбата и заедно ќе ја истераме до крај. Затоа што протестирам! С.Б. Преземањето на веста е можно со пренесување на првите три пасусуи од текстот и линк до Фактор.мк
Слично

Поврзани вести