СВ. КЛИМЕНТ НЕ БИ СЕ ГОРДЕЕЛ СО НАС: Слаба јазична култура – македонскиот јазик денес
Јазикот како основен елемент на препознавање и идентификување, носи големи предизвици за тоа како истиот го чуваме и негуваме. Според лингвистите, напливот на ангицизми, дијалекти, сленгови и жаргони кои сè почесто се форми на комуникација на младите луѓе, неговата употреба во образованието, литературата, медиумите, општата и службената комуникација го ставаат во втор ред македонскиот литературен јазик, кој е клучот на нашето постоење.
Македонија е мултикултурна земја и македонскиот јазик, како јазик на мнозинството, треба да биде кохезивно средство за сите етнички заедници коишто живеат во неа. Неприфатливо е државјанин на Република Македонија да нема основни познавања од македонскиот јазик. Тоа во други држави не може да се случи- вели професор Симона Груевска-Маџовска од Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”. Дополнително, вели не се почитува законската регулатива во врска со употребата на јазиците во единиците на локалната самоуправа бидејќи во добар дел од нив треба да се совлада стандардниот македонски јазик, низ квалитетно образование и од квалитетни учебници, но во пракса треба уште многу да се работи на тоа поле.
“Сметам дека во Македонија недоволно се посветува внимание на македонскиот јазик, и тоа и од оние на коишто им е мајчин јазик и од оние на коишто не им е мајчин јазик. Сведоци сме и на непочитувањето на законската регулатива во врска со употребата на јазиците во единиците на локалната самоуправа во кои живеат припадници на албанската етничка заедница, а во кои македонскиот јазик или го нема или е ставен на второ место под албанскиот јазик. Мислам дека треба да се покаже малку поголема почит кон македонскиот јазик, да се покаже добра желба за соживот, да се почитуваат законите со што ќе се надмине недовербата што се развива кај Македонците кога ќе видат дека македонскиот јазик го нема или е на втора позиција. Треба да се совлада стандардниот македонски јазик низ квалитетно образование и од квалитетни учебници. А, за тоа треба уште многу да се работи”-вели професор Груевска-Маџоска.Според неа, сите грешки, лошо одбрани зборови, погрешни конструкции се пресликуваат во говорот на граѓаните и затоа е повеќе од потребно да се посвети внимание за да се збогати јазичниот израз, чии грешки често се среќаваат и во учебниците во образованието.
“И според Уставот на РМ, и според сите закони во кои се регулира употребата на јазиците јасно е кажано дека службен јазик во Република Македонија е македонскиот и неговото кирилско писмо. Затоа велам дека е потребно да се залагаме за владеење на правото во нашата држава, зашто само со почитување на законите ќе може да се регулираат неправилностите” –смета професор Груевска-Маџовска.Статусот на јазиците во Република Македонија Непосредно поврзано со законската регулатива е и прашањето за статусот на јазиците во РМ. Најпрво, сакам да укажам, потенцира професор Груевска –Маџоска, на потребата од допрецизирање на термините: национален, официјален, службен јазик и јазик во службена употреба.
„Постои едно шаренило во употребата на овие термини и оттаму многу често произлегуваат различни толкувања на законите, па и манипулирање на јавноста. Според Уставот на РМ, како и според Охридскиот рамковен договор, Законот за употреба на македонскиот јазик и Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа, како и во Законот за трговски друштва, јасно и прецизно е напишано дека службен јазик во Република Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Таму каде што има повеќе од 20 % граѓани кои зборуваат на јазик различен од македонскиот јазик може да се употреби и тој јазик дополнително на македонскиот. Тоа значи дека недозволено е да се ставаат натписи, табли на друг јазик, а македонскиот да го нема. Истото важи и за редоследот на јазиците” - вели проф Груевска-Маџоска.Таа потенцира, дека за жал секојдневно сме сведоци на опаѓање на јазичната култура и зголемување на говорот на омраза. Како презимињата во машки род станаа “женски”?! Желбата да се биде различен од другите, вели проф. Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик, стана мода жените да го додаваат презимето на мажот во машки род, што е во спротивност со правилата на македонскиот јазик.
“Нашата препорака е да се почитуваат правилата и презимињата на лица од женски пол да се ставаат во женски род. Според мене лично, позадината на оваа нова мода е да се биде различен од другите, поточно да се добие странски, туѓ призвук на презимето. Се разбира дека тоа не го поддржувам. Сметам дека треба да бидеме горди на своето потекло, а не да се срамиме од него” -додава проф.Груевска-Маџоска.Лекторската професија на маргините, трудот девалвиран! Според познавачите проблеми со почитување на македонскиот литературен јазик има и во издаваштвото. Иако во 1998 година е донесен Закон за употребата на македонскиот јазик во кој децидно е кажано дека не смее да се објави текст доколку не е лекториран од лице што има лекторска лиценца, сепак многу често тој не се почитува, велат од Институтот за македонски јазик. Во таа насока, велат експертите, потребно е да се прават почести контроли и да се зголеми бројот на инспекторите кои ќе ги казнуваат прекршителите, бидејќи често како прекршители се јавуваат и државни институции, што е особено симптоматично, зашто тие задолжително и како пример за другите треба да го почитуваат Законот.
“Да се биде лектор е тешка професија која бара многу труд, голема концентрација и посветеност, а не се почитува доволно. Минималната цена би требало да биде 60 денари од страница, но многу често е под тоа. Тука би требало да се апелира до лекторите да не прифаќаат помала цена за да си го заштитат трудот. Сè додека некој се нафаќа да работи за 20 или 30 денари од страница, трудот на лекторите ќе биде крајно девалвиран. Исто така, се случува некои лектори да се потпишуваат дека излекторирале некој текст, а всушност воопшто не го погледнале. Во таа насока, имаше предлози и да се одземе лекторската лиценца доколку се утврди дека текстот е со потпишан лектор, а е нелекториран или, пак, е многу лошо лекториран”- потенцира професор Симона Груевска-Маџоска.Таа додава дека доколку има добра соработка помеѓу писателите, преведувачите и лекторите, резултатот секогаш ќе биде добар и богат јазичен израз. Доколку текстот е лошо напишан или лошо преведен, вели ниту еден лектор нема да може да го поправи бидејќи лекторот може да го исполира сјајот, ама не може да направи да сјае нешто што е направено од лош материјал. Медиумите имаат значајна улога во негувањето на македонскиот јазик! Според познавачите, медиумите имаат огромна улога за негување и почитување македонскиот јазик, бидејќи сите грешки, лошо одбрани зборови, погрешни конструкции потоа се пресликуваат во говорот на граѓаните.
“Секојдневно гледаме реклами на телевизија, наслови на списанија, фирми, напишани на англиски јазик и со латиница, иако и според Уставот на РМ, и според сите закони во кои се регулира употребата на јазиците јасно е кажано дека службен јазик во Република Македонија е македонскиот и неговото кирилско писмо. Затоа велам дека е потребно да се залагаме за владеење на правото во нашата држава, а во таа насока е и казнувањето на прекршителите” -додава професор Груевска-Маџовска.Правописот-советник за пишување! Јазикот според лингвистите, секојдневно се развива и настануваат низа нови ситуации за кои нема решение во постојниот Правопис. Затоа велат, се пристапи кон негово дополнување и проширување – проект кој влезе и во Националната стратегија за развој на културата 2013 – 2017, а е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија. Во новиот Правопис се очекува да се понудат решенија на низа дилеми, да се надминат двојните решенија и да биде дополнет со нови поглавја за тоа како се даваат биобиблиографски податоци, како се цитира, како се оформуваат различни видови текстови. Добро упатените очекуваат Правописот да биде вистински советник за пишување.
“На Правописот работи голем тим кој се состои од педесетина специјалисти, главно од Институтот за македонски јазик и од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, но и од специјалисти од другите катедри кои работат на транскрипцијата од различни јазици. Во тек се јавни расправи на кои се дискутира за секое поглавје од Правописот. Потоа ќе следат корекции и уедначување на целиот материјал кој ќе биде ставен повторно на јавна расправа како целина, за на крај да се даде во печат” - вели проф. Груевска-Маџоска.Правописот треба да биде готов за една година, односно да се отпечати до крајот на 2015 година. Во Македонија се одбележува денот посветен на Св. Климент Охридски Веќе осма година како државен празник се слави делото на првиот словенски писател и просветител, првиот епископ и творец на Охридската книжевна школа- Св. Климент Охридски. Паралелно со црковната и педагошката Св. Климент се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Неговите мошти се чуваат во охридската црква Света Богородица - Перивлептос во Охрид. Свети Климент е закрилник и патрон на Македонската Православна Црква, Македонската Православна Богословија и Богословскиот факултет, како и на голем број просветни и научни институции во нашата земја.
Слично
