Суспендирање на испораките на Северен тек и понатаму - неизвесноста во снабдувањето ги турка европските економии во криза
Неодреденото исклучување на „Северен тек“ ја зголеми цената на гасот во Европа за 30 отсто, а еврото падна во однос на доларот на најниско ниво во последните две децении. Несигурноста во снабдувањето ги турка европските економии и енергетските компании во финансиска криза. Москва испраќа јасни пораки - нема гас поради западните санкции.
За Брисел, прекинот на испораката на гас преку Северен тек е политички потег на Русија и реакција на одлуката за ограничување на цената на нафтата. Москва, пак, одговорноста за хаосот на пазарот на гас ја префрла на Европската унија, бидејќи е загрозено одржувањето на гасоводот.
„Проблемите со снабдувањето со гас беа предизвикани од санкциите наметнати на нашата земја и на некои руски компании од западните земји, вклучително и Германија и Велика Британија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, нема други причини за проблеми со снабдувањето.
„Очигледно, кога работи единствената турбина, таму се случуваат дефекти. Тоа доведува до прекин на испораките“, вели Песков.
Незадоволство на граѓаните во Европа
Како што наближува грејната сезона во Европа, расте незадоволството на граѓаните од ограничената понуда, особено цената.
„Целта не е да се проголта мамката, дека ние самите сме некако виновни за тие високи цени на бензинот: што воведовме некои санкции, па луѓето сега страдаат. Европа мора да остане обединета и да покаже способност да се бори против пропагандните напади“, изјави премиерката на Литванија Ингрида Симоните.
По Шведска, и финската влада го помина викендот креирајќи нов пакет мерки за итна кредитна поддршка за домашниот пазар на електрична енергија.
„Големите флуктуации на цените на електричната енергија бараат од владата да преземе брзи мерки за да обезбеди стабилност на пазарот“, вели финската премиерка Сана Марин.
Таа додава дека десет милијарди евра се наменети за компании кои произведуваат струја во Финска, со цел „да се покријат итните потреби за ликвидност“.
Списокот е се пократок во Германија
Во Германија по третиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и стопанството, утврдени се приоритетите во снабдувањето со гас во текот на зимата.
Списокот е се пократок и поостар, бидејќи и привилегираните потрошувачи треба да штедат енергија.
„Цените на бензинот пораснаа, бидејќи стана јасно дека Северен тек 1 е затворен.
Крајот на Северен тек 1 или континуираното исклучување на Северен тек 1 дополнително покажува колку тешка ќе биде зимата“, објаснува шефот на Глобалното макро истражување и главен германски економист Карстен Брзески.
Тој посочува дека земјата би можела да ја преживее зимата во однос на снабдувањето, доколку резервите на гас се доволно големи, но дека цената на гасот, нафтата и енергијата ќе останат „исклучително високи“.
Барелот се „лизна“ на 95 долари
На светскиот пазар на нафта пресврт. Наместо најавеното зголемување на производството, ОПЕК се договори со Русија благо да го намали производството на нафта за 100.000 барели дневно. Причината е економското глобално забавување.
Барелот минатата недела „се лизна“ на 95 долари. Нов потег на земјата извозник на нафта може брзо да ја врати цената на 120 долари.
