Суспендирани судиите под истрага во акцијата „Јустициа“
Судскиот совет на денешната седница одлучи да ги суспендира судиите кои беа уапсени во полициската акција „Јустициа“ и против кои беа поведени кривични пријави за злоупотреба на позицијата и намерно застарување на околу 8.000 предмети.
На овој начин Судскиот совет го прифати барањето на Обвинителството за суспензија на судиите кои се под сомнение дека несовесно работеле. Суспензијата важи и за уапсените судски службеници.
Акцијата Јустициа речиси целосно го испразни Одделот за прекршоци. На место на суспендираните судии мора да се бараат нови, особено заради големиот број предмети што тој ги решава.
„Судскиот совет прави анализа за состојбата во судовите кои се наоѓаат на апелационото подрачје Скопје, или најблиску до Основниот суд Скопје1 како би ја процениле можноста за делигирање судии од останатите судови“, изјави претседателката на Судскиот совет Александра Зафировска.
Судскиот совет ќе одлучува и за имунитетот на судиите, доколку некој од нив се повика на него. Но, според Зафировска, до Судскиот совет до сега не стигнала информација дека некој од уапсените побарал да биде заштитен со судскиот имунитет.
Судот синоќа во претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и за 24 осомничени судии и судски службеници им одреди превентивни мерки.
Слично
