Суперсоничен раст! За колку пораснале депозитните пари на домаќинствата во екот на изборите !?
Сензационално! Само за еден месец, во декември во споредба со ноември 2016 година, депозитните пари на домаќинствата во домашните деловни банки пораснале за 4,3 милијарди денари односно 69,7 милиони евра! Сензацијата е во тоа што растот на месечно ниво изнесува 14,5 отсто што е огромен раст за само еден месец особено во период кога во нашата држава се одржаа вонредни парламентарни избори.
Овој драстичен или „суперсоничен“ раст сигурно бил предмет на опсервација и на експертите од централната банка, а веројатно и на други државни институции кои имаат надлежности во оваа сфера. „Фактор“ испрати прашање за објаснување на овој раст до централната банка и ако добиеме одговор ќе го објавиме во целост.
Овие податоци се јавно достапни и се објавено на интернет страницата на централната банка на главната страница во „Редовен месечен сет монетарни податоци, заклучно со декември 2016“ во делот „Останати монетарни извештаи“ во табелата „Депозити кај банки и штедилници“ поставена на линкот http://www.nbrm.mk/?ItemID=D82BFE761AE68843976A04DFDB887073
Вкупната вредноста на оваа ставка на крајот на декември е 33,9 милијарди денари (околу 550 милиони евра). Во делот на депозитите на домаќинствата има уште две ставки во разделот „депозити во денари“. Тие се краткорочни депозити кои пак се делат на без и со валутна клаузула, а иста поделба има и кај долгорочните депозити во денари. И кај двете ставки не се гледаат силни и значајни месечни отстапки односно зголемувања освен во пролетта кога заради политичката ситуација имаше повлекување на депозити од банките.
Ставката краткорочни депозити (изразени во денари) на крајот на декември 2016 е 34,46 милијарди денари и бележи мали и незначителни порасти во споредба на претходните четири месеци. Слична е тенденцијата и кај ставката долгорочни депозити и таму не се забележливи драстични порасти на месечно нови и тоа од јуни па секој следен месец до декември 2016 година. На крајот на декември износот на долгорочни депозити изразени во денари е 42,95 милијарди денари.
Кај депозитите во странски валути износот на крајот на 2016 година е 106,08 милијарди денари, а од нив две третини се краткорочни депозити, а една третина се долгорочни депозити изразени во странски валути. Вкупната вредност на депозитите на домаќинставата во странска и во домашна валута на крај на 2016 година е 217,4 милијарди денари односно 3,5 милијарди евра.Р.Ф.
