Економија, финансии, бизнис

Контакт

Султан Сулејман ќе биде македонска серија?!

Султан Сулејман ќе биде македонска серија?!

Со предлог-Законот за аудио и аудиовизуелни услуги што е во собраниска процедура, турските, српските, албанските серии, снимени надвор од Македонија - ќе се сметаат за македонски, бидејќи се на јазиците на етничките заедници во земјава. На ова реагираа, опозициските пратници во комисиската расправа во Собранието, бидејќи велат дека се остава простор, пример серијата Султан Сулејман телевизиите да ја прикажат како македонско аудиовизуелно дело, затоа што е снимена на јазикот на турската заедница во земјава. Во спорниот амандман што го предалагаат пратениците од владејачкото мнозинство пишува дека :

„Македонски аудио или аудиовизуелни дела се делата изворно произведени на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, како и делата на македонското културно наследство.“

За разлика од овој амандман, во првичната верзија на предлог-Законот беше наведено дека за македонски аудио и аудиовизуелни дела, ќе се сметаат дела произведени во Република Макдонија.

„Македонски аудио или аудиовизуелни дела се делата изворно произведени во Република Македонија на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, како и делата на македонското културно наследство“, пишуваше во првичната верзија на предлог -Законот. Но, предлагачите на законот потоа се премислија и го избришаа делот “во Република Македонија“, што остава простор секое дело снимено надвор од земјава, на јазиците на етичките заедници да се смета за македонко.

Образложението на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски е дека тоа се прави за да им се овозможи на македонските уметници кои снимаат песни и спотови надвор од земјава, истите потоа да се третираат како македонска музика и да може да бидат емитувани во медиумите, како македонска музика – особено сега кога на медиумите им се намтенува обврска да имаат 8 часа неделно македонска музика.

"Со оглед дека технологијата се развива и шири брзо, тоа им овозможува на голем број наши уметници надвор од Македонија да снимаат спотови, но тие се на македонски јазик, или може на алабански јазик - ако се работи за уметник кој е албанец, како , Аделина Тахири или Туна. Тие може да снимаат спот во Тирана на албански, и ние мора да им го овозможиме да бидат емитувани дома, во домашните медиуми како македонска музика, особено во ситуација кога медиумите добиваат обврска да емитуваат одреден број на часови македонска музика во етерот“, изјави Иво Ивановски, министер за информатичко општество.

Сепак министерот Ивановски не објасни како ќе се третираат турските, српските и другите серии снимени надвор од земјава, а сепак се на јазиците на немнозинските етнички заедници. Опзицијата во ова препозна бизнис интерес. Медиумите ќе емитуваат турски, индиски, српски серии - кои во моментот се најгледани оти им се сервираат на граѓаните. За нивна емитување телевизиите ќе имаат помали трошоци, оти нема да се сметаат за увозни, туку домашни и ќе се плаќаат помали даноци, а од друга страна со оглед дека им се остава простор за повеќе профит, со помалку пари – медиумите дополнително ќе бидат зависни од власата. Уште поголем проблем е што се руши општествената улога на медиумите, кои ќе престанат да снимаат домашни едукативни или документарни филмови – а ќе емитуваат турски серии.

„Ако Султан Сулејман се третира како македонска серија – тогаш за неа нема да се плаќаат даноци за увоз, тогаш медиумите нема да прават домашна продукција, нема да снимаат документарци, тогаш полесно ќе им биде да купат некоја турска серија, за која нема да плаќаат дополнителни давачки а ќе имаат екстра профит од сето тоа. Тоа е исто како некој да ти рече дека ќе ти овозможи да увезеш цигари или акохол без за нив да се платат, акцизи и данок, реагираше Игор Ивановски од СДСМ.

Според Игор Ивановски станува збор за смислено бизнис сценарио на власта.

„ На мала врата сакате да протнете сериозен бизнис интерес. Ако го донесете вакак како што е напишано, Македонија ќе биде најголем производител на серии, бидејќи сите серии произведени на пример на турски јазик во Турција ќе станат македонски. Ова е за бизнис интерес, односно како да не се произведуваат македонски серии. На овој начин ќе добиете уште поголемо влијание врз медиумите. На овој начин сите програми на нашите соседи, стануваат програми на Македонија, што не смее да биде така. Според оваа логика, индиски сапунски серии ќе се сметаат како македонски бидејќи во нив се зборува на јазик што е блиску до Ромите ", изјави Ивановски

На амандманот реагираа и пратениците од албанската опозиција Амандманот е скандалозен и за пратениците од ДПА, бидејќи и делата снимени во Албанија ќе се сметаат за македонски.

„Ова е скандалозен амандман, а уште по поскандалозен го прави тоа што истиот е предложен од пратениците на владината коалиција. Јас, овие од ВМРО ги сфаќам потполно, ама не можам да сфатам дека на овој амандман се потпишани Неџати Јакупи, Хајрула Мисини, Дешира Имери, Хајрие Мисими. Со овој амандман, албанските дела стануваат македонски дела. Ова е скандал, изјави Беким Фазлиу од ДПА.

ДПА- нема да предложи амандмани за предлог -Законот за медиуми, ниту за предлог- Законот за аудио и аудиовизуелни услуги од бидејќи велат не сакаат да ја легитимираат цензурата која се предлага со овие два закона. Со еден, два или десет амандмани, не можеме да помогнеме да се исправат овие закони. Со овие два закона, конечно ќе се легализира, и така ние имаме цензура во Македонија, над 90 отсто од медиумите се под контрола на Владата, само што со овие закони се легализира цензурата и ние не сакаме да бидеме дел од тоа и да ја легитимираме оваа цензура преку некоја импровизирана дебата, божем правиме амандмани. Со ваквиот став на опозициските пратеници не се согласуваат пратениците од владејачката коалиција. Според Неџати Јакупи од ДУИ, со новиот закон албанскиот јазик повеќе ќе се употребувал во медиумската сфера.

„Со предлог законот за аудио и аудиовизуелни услуги овозможуваме да се подобри состојбата во оваа сфера, и медиумските дела на албански јазик да имаат свое учество и да се обврзат сите медиумски институции да го почитуваат албанскиот јазик. Албанскиот јазик да биде присутен покрај македонскиот јазик во медиумската сфера. Практично со законот ја потврдуваме официјалната употреба на албанскиот јазик и во сферата на медиумите, изјави Неџати Јакупи од ДУИ.

Сепак власта и покрај сите забелешки, го прифати амандманот така како што го имаат поднесено пратениците од владејачкото мнозинство. Законот треба да биде изгласан во четврток по што ќе стапи на сила. Останува да се види дали во следните два дена, властa ќе се предомисли и ќе скрои нов амандман или турските серии ќе станат македонски. С.Н.
Слично

Поврзани вести