Судовите ќе судат по ист аршин
Сериозни реформи во Кривичниот законик со кои ќе се овозможи граѓаните да бидат во еднаква положба пред судовите, најавува Владата. Ќе се носи Правилник за начинот на одмерување на казните за да се обезбеди исти кривични дела да се санкционираат на ист начин во сите судови.
Анализите на кривично правниот систем покажале голем број на аномалии кои ги доведуваа граѓаните во нееднаква положба пред судиите, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„За кривичното дело Тешка кражба апелационите судови во Гостивар и Штип изрекувале два пати помали казни од апелационите судови во Скопје и Битола. За кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување просечната казна која се изрекува во Гостивар е три пати пониска од просечната казна која се изрекува во Штип. За кривичното дело Загрозување на безбедноста во сообраќајот во судовите во Скопје и Штип се изрекуваат затворски казни, а во Битола и Гостивар не се изрекуваат затворски казни“, ги објаснува Ѓорѓиев резултатите од анализите на состојбите во судството.
По стапувањето во сила на предвидените измени, претседателот на Врховниот суд, по претходно мислење од Адвокатската комора, во рок од 30 дена ќе треба да го донесе правилникот со кој ќе се спречи или стесни просторот за манипулации и некоректно однесување на било која странка во едно судење.
Слично
