СУДОТ ОДЛУЧУВА: Ќе има ли притвор за Јанкулоска, Божиновски и Гури?
Жалбите на СЈО за отфрлање на барањата за притвор на екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и уште две лица вчера беа одбиени од страна на Кривичниот совет.
Денеска судот треба да одлучи за притворот на екс министерката за внатрешни работи Јанкулоска.
Се чека одлуката и за жалбите на СЈО за одбиениот притвор на судот за генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, за Исмет Гури од изборната комисија на Чаир и уште двајца осомничени од општинските изборни комисии.
Колку е непристрасно судството? Судиите и поранешните обвинители за ова прашање се поделени.
„Во Судството се гнездата на отпорот против криминалот и ерозијата на правдата. Тоа е рак-рана во македонското општество што е забележано и во извештајот на Прибе. Ќе следи болен рез и затоа верувам дека следува операција за отстранување на метастазите – вели актуелниот адвокат Стеван Павлески.
Поранешниот Јавен обвинител кој беше и шеф на Државна безбедност во времето на министрите Трпеновски и Јордан Мијалков оценува дека сегашните судии ја плаќаат фактурата што им ја испорачуваат моќниците од власта – „тоа што ние ви го дадовме како награда ќе си го одработите според инструкциите кои ќе ги добиете “, изјави во интервју за Фактор неодамна Павлески .
Тој посочи дека „Се настојува да се обезвредни се’ што е поврзано со сомневањaта за сторени противзаконски дејствија од страна на претставници на власта и да остане нивната аура на патриоти, на “вистински Македонци“, а не како што тврди Специјалната обвинителка дека станува збор за гангстерски начин на владеење“.
„Се надевам дека судиите ќе сфатат дека од исклучителна важност е доследно да ги применуваат законите без разлика кој е прекршителот и каква функција извршува. Потребна е професионална, независна и непристрасна истрага за да може да ја извлечеме земјата од длабоката криза во која се наоаѓа подолг временски период“, рече адвокатот Александар Тортевски исто така во неодамнешна изјава за Фактор.
