Судот ќе одлучува дали ФБИ ќе се вклучува во „Монструм“
Апелацискиот суд треба да донесе одлука дали во истрагата за масовното убиство кај Смилковското Езеро ќе се вклучат и екпсперти на американското Федерално истражно биро (ФБИ), како што предлага лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Ова е ставот на премиерот Никола Груевски на предлогот од неговиот коалициски партнер. Во процесот „Монструм“ за убиствата кај Смилковското Езеро шест лица веќе се осудени на доживотен завор.
„Точно е тоа дека Ахмети ми го има спомнато тоа во разговор, останува на судот да донесе одлука дали ќе прифати или не вклучување на други служби од други држави, а исто така, прашање е и дали тие служби воопшто ќе сакаат да дојдат, дали ќе прифатат да дојдат. Но, сепак, тоа е работа на судот, во случајот на Апелациониот, и негова и само негова може да биде одлуката дали ќе повика некој да дојде, а пак тој што ќе биде повикан, негова ќе биде одлуката дали ќе прифати. Што се однесува до мене, се што ќе донесе и прифати судот, ние немаме ниту избор, ниту би сакале да се мешаме во тоа“, вели Груевски.
Тој не сакаше подетално да го коментира ниту инцидентот во Кондово, во кој активисти на ДУИ расчистуваа меѓусебни недоразбирања со вооружена престрелка. За овој настан, Груевски упати на МВР кое треба да го расчисти инцидентот и да ги расветли мотивите.
Слично
