СУДИРИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ПРЕДИЗВИКАА ШОКОВИ: OПЕК+ го зголемува производството на нафта
Oсум членки на Организацијата на земјите извознички на нафта и нивните сојузници (ОПЕК+) денеска одлучија да ги зголемат квотите за производство на нафта за 206.000 барели дневно во април, што е повеќе од претходно очекуваното, во услови на засилени тензии на Блискиот Исток и ризици за транспортот на сурова нафта.
Во соопштението на ОПЕК+ се наведува дека осумте земји „се согласија за прилагодување на производството од 206.000 барели дневно“, кое ќе стапи на сила во април, повикувајќи се на потребата од одржување рамнотежа на пазарот.
Претходните проценки на експертите беа дека зголемувањето ќе изнесува околу 137.000 барели дневно, но конечната одлука надмина тие очекувања. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека тоа можеби нема да биде доволно за стабилизирање на пазарот.
„Доколку нафтата не може непречено да транзитира низ Ормускиот теснец, дополнителната квота нема да биде доволна за да ја задоволи глобалната побарувачка“, велат пазарни аналитичари.
Поради конфликтот на Блискиот Исток, загрозен е поморскиот транспорт низ Ормускиот теснец, стратешка точка низ која минуваат околу 20 проценти од светската потрошувачка на нафта. Секоја дестабилизација во овој регион веднаш се одразува врз цените на светските берзи.
САД и Израел вчера го нападнаа Иран, а Иран возврати со напади на Израел и на американските бази на Блискиот Исток.
