Економија, финансии, бизнис

Контакт

Избори 2013: Концептуален судир на закрпени улици и отворени политички рани!

Избори 2013: Концептуален судир на закрпени улици и отворени политички рани!
Ако судиме по досега виденото, не е тешко да се претпостави каква кампања ќе имаат политичките партии. За Фактор, тие не негираат дека меѓу двете најголеми партии има и концептуален судир. Се очекува, следните избори да биде најинтересниот локален натпревар досега на политичката сцена во Македонија. Судир на буџетски политики, фрлени лопати, демократски стандарди, судир на закрпени улици и отворени политички рани во општеството, на кантар ќе се стави се, од името и изградените тротоари, до висината на буџетот и ликот на градоначалниците. Дали тие избори ќе бидат и своевиден референдум за идните предвремени парламентарни избори, тешко е да се каже, со оглед двете партии уште не смирени, повторно се скараа во толкување на она што е напишано на нон пејперот што го испорача Филе. Кандидатите за градоначалници во кампањата ќе се сконцентираат на локалните проблеми И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ најавуваат дека во кампањата ќе се фокусираат на проблемите на граѓаните. Ќе нудат програми во кои ќе се ветуваат изградба и реконструкции на улици, тротоари, изградба на училишта, а се очекува значаен дел од кампањата да се посвети и на гасифицирање на општините. Иако, најавите се партиите ќе се сконцентрираат на локални проблеми, сепак познавајќи го табиетот на македонските политичари и нивната политичка култура повеќе од јасно е дека на овие локални избори ќе има тешки обвинувања, напади така што градските проблеми ќе паднат во втор план. ВМРО ДПМНЕ: Нашите кандидати имаат свои програми со ветувања Владеачката ВМРО ДПМНЕ која условно кажано стартува од „пол позиција“, во кампањата за локалните избори ќе се фокусирала на проблемите на граѓаните. „Нашите кандидати за градоначалници имаат свои програми, со конкретни проекти кои е предвидено да реализираат во точно утврдени рокови. Кампањата ќе биде насочена токму кон проблемите кои ги имаат граѓаните во општините“, велат за Фактор од ВМРО ДПМНЕ. СДСМ: Овие избори ќе бидат референдум за власта   СДСМ најавува дека во кампањата нивните градоначалници ќе ги претставуваат проектите со кои ќе ги бараат гласовите на граѓаните. Но, нема да изостанат и нема да дозволат да се заборават настаните од 24 декември минатата година, кога нивните пратеници беа исфрлени од Парламентот. Ако кандидатите за градоначалници ќе се фокусираат на ветувања од локален карактер, раководството на партијата ќе биде насочено кон како што велат од партијата за Фактор, демаскирање на политиките на премиерот Никола Груевски. Овие избори, велат од опозиционата СДСМ ќе бидат референдум за погубните политики на власта. И на локалните избори постојано ќе се зборува за барањето за предвремени парламентарни избори. Нека почнат игрите Игрите наречени локални избори може да започнат. Разлутените деца попуштија под притисокот на Европската унија. Инаетот на двајцата лидери Никола Груевски и Бранко Црвенковски на никого не му одеше во полза. Иако на крајот и двете страни сами се прогласија за победници, сепак остана белегот дека Македонија сеуште ги нема прележано детските болести и по 20 години независност и самостојност. Мишко Иванов
Слично

Поврзани вести