СУДИР НА РУСИЈА И ТУРЦИЈА: Валутите и акциите паѓаат
Акциите ширум Европа, како и турската лира и руската рубља паднаа откако Турција урна руски воен авион во близина на границата со Сирија.
Турција која е членка на НАТО, соопшти дека авионот е урнат откако повеќе пати го нарушил воздушниот простор на таа земја и го игнорирал повторното предупредување. Руски претставници негираа дека авионот преминал во турски воздушен простор.
Веста за уривањето на авионот ги турна европските пазари надолу, а најмногу се погодени берзите во Русија и Турција.
Лирата изгуби речиси еден процент во однос на доларот. Турската валута оваа година веќе падна за 17 одсто спрема американската, со што се вброи во редот на валути со најлоши перформанси. Берзата во Истанбул бележи пад од 1,4 одсто.
Руската рубља изгубила 0,2 одсто во однос на доларот.
„Овој инцидент е несомнително многу значаен и пазарите веќе реагирале-лирата и рубљата , како и пазарот на капитал во двете земји се во пад“, сметаат економистите.
