Економија, финансии, бизнис

Контакт

Судијката Поп-Стефанија не ѝ го одзеде пасошот на Јанкулоска

Судијката Поп-Стефанија не ѝ го одзеде пасошот на Јанкулоска

Судијката Александра Поп-Стефанија и не ѝ  го одзеде пасошот на екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како што бараше Специјалното јавно обвинителство.

Јанкулоска е една од осомничените во случајот „Тврдина“. СЈО бараше на Јанкулоска да ѝ се определи забрана за напуштање на живеалиштето и обврска повремено да се јавува пред надлежен орган.

„Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), за определување мерки за претпазливост против Г.Ј. опфатена во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, која претходно беше сослушана во врска со предлогот, донесе решение со кое предлогот на обвинителството го одби како неоснован“- стои во соопштението од Кривичниот суд.

Судијката Поп-Стефанија оценила дека во случајот не постои основа за определување на предложените мерки на претпазливост бидејќи не постоеле околности кои упатуваат на реална опасност од бегство на осомничената.

При одлучувањето судијата на претходна постапка го имала в предвид и однесувањето на осомничената во текот на постапката, фактот дека соработува со судот и уредно се јавува на поканите, што не упатува на заклучок дека кај осомничената постои опасност од бегство.

Другите тројца осомничени во случајот, за кои СЈО исто така побара мерки на претпазливост, не беа сослушани затоа што судијката го прекинат распитот откако СЈО побара нејзино изземање од случајот. Тие дополнително ќе бидат повикани од судот.

СЈО бараше изземање на судијката во случајот со Јанкулоска затоа што поранешната министерка се води како вработена во  ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранокот на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.

Кривичниот суд го одби барањето за изземање, а ниту Апелацискиот суд потоа не ја прифати жалбата  на СЈО во врска со одлуката на првостепениот суд.

Осомничените во „Тврдина“ се товарат дека лани ја уништиле опремата за нелегалното прислушување.

Слично

Поврзани вести