Економија, финансии, бизнис

Контакт

СУДИИТЕ НА ПОТЕГ: Ќе судат ли независно и непристрасно-Што велат адвокати и професори?

СУДИИТЕ НА ПОТЕГ: Ќе судат ли независно и непристрасно-Што велат адвокати и професори?

Откако јавноста дозна за првиот случај кој го покрена Специјалното јавно обвинителство и тимот на Катица Јанева се постави прашањето кое ќе биде и така наречен тест за Македонското судство.

Ќе судат ли судиите непристрасно и независно засега е неизвесно со оглед на фактот што досега не се објавени официјални информации за осомничените две лица кои до доцна синоќа беа на распит во Кривичниот суд.

Адвокатите кои Фактор ги контактираше преку новинарот Горазд Чомовски, велат дека во моментов најсуштинско прашање е дали судиите ќе судат независно и непристрасно.

Професорот Осман Кадриу вели дека на избори не смеат да се кандидираат  политичари кои имаат криминални досиеа и се инволвирани во масовни кршења на избирачките и човекови права и слободи.

„Можеше да се очекува дека Специјалното јавно обвинителство ќе  оформи  предмет и покрене процедура. Јанева и нејзиниот тим ја имаат јавно изнесената  поддршка  од   странските амбасадори акредитирани  во  Македонија и не потклекна под притисоците на дел од партиската и медиумска хајка во Македонија.

Фактот што Специјалното јавно обвинителство говори за конкретни  докази и усмени сведочења за  противзаконски дејствија и во истовреме  наведе  конкретни имиња на високи владини функционери кои работеле спротивно на законот,  укажува на сериозноста со која досега се работело. Сметам дека позитивно ќе биде прифатена  активноста на Специјалното јавно обвинителство  затоа што  јавноста и граѓаните очекуваат навистина да се расветлат сите овие  дeвијантни појави, криминали и корупција што се направени и кои доведоа до една  политичката  криза  од која многу тешко излегува државата. За надминување  на  внатрешни  проблеми  потребно е целосно расветлување на детектираните незаконитости. Токму и затоа  беше формирано Специјалното јавно обвинителство  бидејќи се покажа дека постоечкото Обвинителство, на чело со Марко Зврлевски, но и судска власт беа инертни во гонењето на криминалот и  корупцијата од причина што добар дел од нив и самите се инволвирани во  овие девијации“, вели Кадриу - а целиот негов став прочитајте го ТУКА.

Адвокатот Александар Тортевски во изјавата за Фактор пак вели дека и покај отпорот кој може да се јави на почетокот,  судиите многу брзо  ќе сфатат  дека не смеат да ги штитат криминалците.

„Се надевам дека судиите ќе сфатат дека од исклучителна важност е доследно да ги применуваат  законите без разлика кој е  прекршителот и каква  функција извршува.  Потребна е професионална, независна и непристрасна истрага  за да  може да ја извлечеме земјата од длабоката криза во која се наоаѓа подолг временски период“, вели Тортевски-целиот негов став и мислење прочитајте ги детално ОВДЕ.

Професорот Крсте Шајноски пак вели дека со вчерашната акција  „Титаник“,  што ја поведе Специјалното јавно обвинителство се отвори долгоочекуваниот широк фронт за  демократизација на општеството.

„Се почна со одлуки за расчистувањето на случаите за криминализација на изборите  индицирани  во прислушуваните материјали. Тоа е важно не само за да се санкционираат сите оние кои ги прекршиле уставот и законите во оваа сфера досега, туку и ,пред се,‘ еднаш за секогаш да се разбере дека во земјата нема да се толерираат незаконити постапки и однесувања од било кого, најмалку од носителите на власта. Тие, впрочем, треба да се борат да ги оневозможуваат нерегуларните однесувања на поединци и групи, а не да бидат организатори кои, искористувајќи го своето реално влијание и службената положба, да создаваат групи кои имааат за цел да вршат кривични дела против изборите и гласањето заради натамошно опстојување на власт и остварување на привилегии од практикувањето на власта“, вели професорот Шајноски во денешната колумна за нашиот портал-која може да ја прочитате на овој линк.

За адвокатот Звонко Давидовиќ со потегот што го презема СЈО и истрагата за изборни злоупотреби покажува дека има капацитет да се справи со криминалот без разлика на досегашната моќна заштита од партиско-политичките елити и носители на власта.

„Она што беше  изнесено како аргументи од страна на Специјалното јавно обвинителство за нас како правници и адвокати   ни  дава за право  да кажеме  дека  тимот на  Катица Јанева темелно  ги   работеле  сите  доказни   материјали што ги поседуваат. Првичниот мој впечаток е дека  Специјалното јавно обвинителство  професионално си ја   сработило својата работа во овој дел  од  случајот „Титаник“ , вели Давидовиќ а неговото излагање прочитајте го ТУКА.

Слично

Поврзани вести