СУДЕЊЕ: Завршни зборови во процесот Груевски-Заев
Правните застапници на тужителот и тужениот денеска ќе ги изнесат своите завршни зборови во судскиот процес за клевета што премиерот Никола Груевски го поведе против лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Груевски од Заев побарува 50.000 евра како отштета за клевета, нанесена душевна болка и повреда на честа и угледот со изнесените обвинувања за наводна корупција при продажбата на „Македонска банка“.
Во текот на судскиот процес, Груевски и Заев директно се соочија во судот. Премиерот истакна дека изнесените обвинувања против него биле целосна невистина креирана само со намера за негова дискредитација. Заев, пак, се бранеше дека имал сознанија за наводи за корупција за кои чувствувал граѓанска должност да ги обелодени.
Во постапката беше сослушан и српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ - Нини, од кого според наводите на опозицијата, Груевски зел 1,5 милиони евра во кеш за продажбата на банката. Тој негираше дека го познава Груевски и дека некогаш со него разговарал за „Македонска банка“.
Судот одби како сведок да го повика Ден Дончев, кој според Заев ја доставил аудио-снимката со која тој ги поткрепуваше своите обвинувања и кој наводно бил посредник во комуникацијата меѓу Груевски и Газда Нини.
Исто така, судот како доказен материјал не ја прифати ниту аудио-снимката од наводните телефонски разговори.
По завршнитезборови, на судскиот совет му останува да ја донесе пресудата и да закаже кога ќе ја објави својата одлука.
Фото: Курир
Слично
