Судењето за случајот „Диво Насеље“ продолжува во Врховен
Во големата сала на Врховниот суд, денеска во 10 часот, треба да продолжи судскиот процес за случајот „Диво Насеље“.
Судскиот процес за „Диво Насеље“ треба да почне од почеток, откако обвинителството го спои со случајот „Молња“ во кој осум лица се обвинети за помагање и давање на логистика на групата од Косово.
Претходното рочиште, кое беше закажано во вторник беше одложено затоа што на новинарите и на адвокатите не им беше дозволено да влезат во салата на судот.
Кривичниот и Врховниот суд си ја префрлаа вината околу причините за одложувањето на рочиштето и за тоа кој е надлежен за организација на судскиот процес.
Во случајот „Диво Насеље“ се обвинети вкупно 29 лица кои се товарат за тероризам и терористичка организација.
