Судењето на Савески и Куновски одложено, остануваат во куќен притвор
Повторно е одложено судењето на членовите на „Левица“, Здравко Савески и Владимир Куновски обвинети за демолирање на канцеларијата на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
Одбраната уште не го добила вештачењето со што не може да ја подготват листата докази за денеска.
Адвокатот Сашо Дуковски вели дека вештачењето е важно за тие да можат да ја подготват одбраната. Според адвокатот невозможно е за помалку од 24 часа да се подготвува одбраната ако го нема вештачењето. Обвинтелката Снежана Бундалевска смета дека одбраната можела да се координира со клиентите и денеска да дојде подготвена на судењето, освен ако не тактизираат.
Двајцата демонстранти остануваат во куќен притвор, а судот го одложи рочиштето за 10 јуни.
Од „Левица“ бараат укинување на притворот за нивните членови. Тие сметаат дека сево ова се прави за ослабнување на протестите кои траат подолго време.
Савески претходно на Фејсбук профилот напиша дека кога тогаш ќе излезат на слобода и ќе има слобода во Македонија.
Куновски и Савески се во домашен притвор од 25 април.
