Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕКСКЛУЗИВНО: Откажана зделката за продажба на „Тедико“, дали фирмата ќе се ликвидира?

ЕКСКЛУЗИВНО: Откажана зделката за продажба на „Тедико“, дали фирмата ќе се ликвидира?
Штипската компанија „Кит-Го“ се откажа од купување на маркетите, судбината на „Тедико” е неизвесна. Како што дознаваме, компанијата има сериозни финансиски проблеми и е заглавена во големи долгови. Извори за Фактор коментираат дека на неодамнешниот состанок на менаџментот на Тедико, на кој присуствувале и доверителите, се констатирало дека фирмата се наоѓа пред ликвидација. На состанокот биле предложени две опции: или најголемите доверители долгот да го претворат во сопственички капитал во “Тедико Супер”, да се формира нов менаџмент и надзорен одбор од тие компании и компанијата да продолжи со работа, или втората опција била - фирмата да се ликвидира. Одлуката зависи од доверителите Како доверители во компанијата се јавуваат близу педесетина фирми. Упатените коментираат дека првиот предлог е тешко остварлив, бидејќи меѓу најголемите доверители се странски фирми или фирми со доминантен странски капитал како Атланитик, Подравка, Жито лукс, Суташ, Битолска Млекара, Скопска Пивара, но тука се и домашни фирми како Витаминка, Европа, Прилепска пиварница, кои што имаат гломазни одбори на управување и тешко ќе можат да го усвојат и реализираат овој план. Сепак, извори за Фактор коментираат дека е во интерес на доверителите и на сопствениците компанијата да продолжи со работа, за да не пропаднат парите и да не се изгуби продажбата и пазарниот удел на компаниите. Според информациите, состојбата во фирмата е алармантна, маркетите се без производи, рафтовите празни, а фирмата има голем број вработени. Фактор се обиде да контактира со дел од поголемите доверители, но не сакаа јавно да го зборуваат. Ја потврдија информацијата за состанокот на кој што присуствувале и тие, и ги потврдија предлозите кои биле дадени и за финансиската состојба во “Тедико”. Еден од поголемите доверители кој сакаше да остане анонимен, за Фактор вели дека засега не можат да кажат каква одлука ќе донесат и дали понуденото решение за долгот да се претвори во сопственички капитал е изводливо решение. Тој вели дека прво треба да се направат пресметки колкав е точниот износ на долговите што ги има фирмата кон сите доверители, но и поединечно. Според информациите вкупниот долг сеуште не е познат, не се знае колку компанијата е финансиска заглавена и со банкарски кредити. Од она што е познато од историјата на “Тедико”, компанијата во своите почетоци имаше успешни финансиски биланси, сè до 2011 година. Потоа почнаа да се редат загубите, а драстичниот пад во финансиското работење го доживеа лани. На последниот состанок, како што дознаваме, менаџментот како причина за лошата финансиска состојба на компанијата ги посочил отварањето на голем број маркети за чие отворање и функционирање се искористиле високи суми сопствени пари, но и банкарски кедити. А како причина се посочило и намалувањето на куповната моќ на потрошувачите и светската криза. Зошто штипската компанија „Кит-Го“ се откажа од купувањето ? Штипската компанија „Кит-Го“ цели  шест месеци водеше интензивни преговори за купување на скопскиот трговски ланец „Тедико“. Оваа информација за дел од медиумите ја потврди и сопственикот на ланецот маркети, Раде Трајковски. „Веќе шест месеци водиме интензивни преговори со компанијата „Кит-Го“ од Штип. На почетокот многу фирми беа пријавени на огласот за откупување на маркетите, а единствено „Кит-го“ ги даде најдобрите услови и најсоодветната понуда и затоа со нив преговараме. Преговорите се одолговлекоа поради мои здравствени прични, но се надевам дека ќе бидат завршани до крајот на овој месец. Сопственикот само ќе треба да го ребрендира името и да почне со работа“, изјави пред само една недела Трајковски за Нетпрес. Засега не се знае поради која причина компанијата од Штип се откажала од купувањето на Тедико. Според најновиот извештај на Управата за јавни приходи, маркетите „Тедико“ на државата и должат повеќе од 26 илјади евра неплатен данок. Ј.С.
Слично

Поврзани вести