Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Судбината“ на пратеничките мандати на опозицијата неизвесна

„Судбината“ на пратеничките мандати на опозицијата неизвесна
И по шест месеци од парламентарните избори во Република Македонија собраниските клупи каде требаше да седне опозицијата останаа празни. Несогласувањата помеѓу пратениците на власт и опозиционерите кулминираше со одлуката на СДСМ и нејзината коалиција да ја бојкотираат работата на парламентот и нивната борба да ја водат надвор од собранискиот дом и како што истакнаа да функционираат како влада во сенка се до исполнување на нивните барања кои предвидуваа формирање на техничка влада и организирање нови избори. За едните барањата на опозицијата беа неаргументирани, а за другите водењето на државата повеќе наликувало на режимско отколку демократски. Откако од редовите на опозицијата излегоа лицата што се двоумеа по однос на нивната стратегија и сепак ги прифатија мандатите добиени на изборите, опозиционата коалиција ги затегна своите редови и остана истрајна во својата борба без колебање да стои цврсто на своите ставови. Владата за целиот период од оформувањето на парламентарниот состав по изборите правеше напори за да ја врати опозицијата во собраниските клупи но под свои услови па затоа ваквите обиди беа недоволни бидејќи сепак за опозицијата не беа направени клучните отстапки со кои би се испеглале ставовите и би отпочнале  преговори за враќање во парламентарниот дом. Се одржа и лидерска средба но и таа заврши без никакви придвижувања. На крај дојдоа меѓусебните обвинувања кој на кого прави поголема штета и кој работи за лошото на државата. Пратениците од СДСМ и од коалициските поднесоа и оставки, но собраниската седница за нивно прифаќање беше прекината. Беше оставена можност за преговори и промена на одлуката на опозицијата. Но и по шест месеци од новиот парламентарен состав на повидок нема никакви показатели дека работите барем малку се смениле на подобро па бидејќи во законот за пратенички мандати се предвидува дека доколку одреден пратеник неоправдано отсуствува од работата на Собранието повеќе од 40 седници тогаш генералниот секретар на Собранието изработува извештај врз база на кој Комисијата за деловничко и мандатско – имунитетни прашања му педлага на Собранието да го одземе неговиот мандат односно да се закаже седница на која ќе треба да се донесе конечна одлука. Така и беше, на втори декември Комисија за деловничко и мандатно-имунитетни прашања на седницата реши да му предложи на Собранието одземање на мандатите на 31 пратеник од опозициската СДСМ и нејзините коалициски партнери, врз основа на извештај за отсуствата на пратениците од овој состав за период од шест месеци, изготвен од генералниот секретар на Собранието. Врз основа на Извештајот на генералниот секретар на Собранието утврдено е дека во периодот од 10 мај до 10 ноември, 31 пратеник не присуствувале, не учествувале, ниту пак го известиле претседателот на Собранието дека оправдано ќе отсуствуваат од 40 седници. За да му биде одземен мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство односно 82 гласа, а во овој случај, бидејќи станува збор за 31 пратеник, Собранието треба поединечно да се изјасни за секој мандат. Ваквата седница на која ќе се одлучува за судбината на мандатите на опозиционата коалиција е закажана за денес. Неизвесноста за тоа дали Собранието ќе одлучи да ги одземе мандатите на пратениците од опозицијата или нема да донесе таква одлука е дотолку поголема бидејќи никој од пратениците од владеачката коалиција до сега не се изјаснил како ќе гласа. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 61 пратеник, ДУИ има 20 и партијата на Стевче Јакимовски ГРОМ има еден пратеник. Тоа се вкупно 82. Меѓутоа, Ермира Мехмети, пратеничката на ДУИ е во САД каде што ја подготвува својата докторска дисертација, со што веќе паѓа двотретинското владеачко мнозинство. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера уште еднаш ги повика опозиционерите да се вратат во Парламентот по примерот на опозицијата во Албанија, бидејќи како што рече, партијата не гледа решение доколку на опозицијата и бидат одземени мандатите и нагласи дека ако одлучат да се вратат за сите нивни добри идеи секогаш може да гледаат добар партнер во ДУИ. Од СДСМ остануваат на ставот дека оваа седница требаше да продолжи уште многу одамна и дека тие својата волја ја искажале со поднесувањето на оставките. Доколку мандатите на опозиционерите сепак бидат одземени, процедурата се сели од законодавниот дом во Државната изборна комисија, која ќе треба да предложи нови пратеници, следните на листата на опозициската коалиција. Доколку и следните не го прифатат мандатот, што е сосема можно, имајќи предвид дека претходно сите потпишаа изјава на нотар дека ја поддржуваат иницијативата на опозицијата, за испразнетите места во парламентот ќе се организираат дополнителни избори. СДСМ на последните избори доби 34 мандати. Од нив, само 3 решија да седнат во пратеничките клупи, додека останатите, уште од изминатото лето ја бојкотираат работата на Собранието.              
Слично

Поврзани вести