Субвенционирано вработување на 100 лица во социјален ризик
Граѓаните од социјално ранливите категории од денеска можат да аплицираат на огласот за субвенционирано вработување.
Огласот е отворен еден месец, а компаниите кои ќе вработат вакви лица шест месеци ќе добиваат по 23.000 денари од државата. Од овие средства 17.000 денари се наменети за субвенционирање на платата на лицето кое ќе се вработи, а 5.000 денари за покривање на трошоците за обука и за материјали коишто ги има работодавачот во овие шест месеци. По овие шест месеци тие се обврзани да ги задржат на работа уште шест месеци работниците.
„Можат да аплицираат сите приматели на социјална парична помош, жртви на семејно насилство, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, односно лица со ниски приходи во семејството. Тој ќе биде отворен во период од еден месец, а на него може да аплицираат и сите приватни компании коишто се заинтересирани со субвенционирање да вработат лица од овие категории“ - вели министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Вкупниот буџет за овие вработувања е 15.600.000 денари.
