Економија, финансии, бизнис

Контакт

Субвенции за вработување лица од социјално ранливи групи

Субвенции за вработување лица од социјално ранливи групи
Вкупно 587 лица на возраст од 50-59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица - над пет години, како и лица кои до 18-тата година имале статус на деца без родители ќе бидат вработени годинава со субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка. Мерката е дел од владиниот Оперативен план за вработување, а финансиската поддршка за вработување на невработени лица од ранливи групи изнесува 17.000 денари по лице месечно, од кои 3.000 денари по лице ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. „За секое вработено лице се исплаќа бруто плата во износ од 13.000 денари месечно за период од 6 месеци.  Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци (вкупно 18 месеци) или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица при што приоритет ќе имаат лицата од истата целна група“, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Секој работодавач кој има вработено до 10 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 2 невработени лица, до 50 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 5 невработени лица и над 50 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 10 невработени лица.

Програмата за субвенционирање на вработување на невработени лица од социјално ранливи категории се реализира  континуирано од 2007 година и преку неа до сега се вработени 4.668 граѓани. Повеќе од 60 проценти од лицата кои се вработени со оваа маерка остануваат на работните места подолго од предвидените 12 месеци.

 
Слично

Поврзани вести