Економија, финансии, бизнис

Контакт

Субрата Рој во затворска ќелија бр.3, акциите на „Сахара“ паѓаат!

Субрата Рој во затворска ќелија бр.3, акциите на „Сахара“ паѓаат!
Индискиот бизнисмен Субрата Рој останува во затвор до 11 март, односно до новото судско рочиште против него на кое ќе мора да понуди конкретен план за тоа како ќе ги обесштети ситните инвеститори кои вложувале во неговите проекти. Врховниот суд на Индија вчера не го прифати предлогот на Рој да започне да го продава имотот на „Сахара“ и да обезбеди банкарски гаранции за исплата. Судиите го испратија индискиот бизнисмен во озлогласениот затвор Тихар, еден од најголемите затворски комплекси во цела Азија, и го задолжија да понуди друга алтернатива. Според индиските медиуми, Рој бил сместен во затворската барака број 3, заедно со двајца директори од неговите фирми кои се обвинети заедно со него за измама на ситните инвеститори. Дозволени му се две посети на ден. Дел од медиумите дури и цитираат извори во затворските служби според кои Рој и неговите соработници ноќеска до доцна во ноќта разговарале за правната битка што стои пред нив и барале излез од ситуацијата во која се нашле. Единствената жена-директор во фирмите на Рој Вардана Баргава исто така е обвинета заедно со нив, но судот не ја испрати во затвор, туку и нареди да се координира со Рој и останатите двајца за да понудат прифатливо решение за отштета на граѓаните. Во меѓувреме, по веста за испраќањето на првиот човек во затвор, акциите на „Сахара Груп“ веќе изгубија 5% од вредноста. Судот вчера беше особено остар кон Рој, поради неговото одолговлекување да ги почитува судските одлуки. „Направете тоа што треба за да ја исполните одредбата. Во последната година и пол се обидувавме да Ви удоволиме. Вие нè испраќавте по ѓаволите. Што можеме да направиме? Судот беше принуден да ве присили. Сега мора да ја имплементирате наредбата. Го притиснавте судот в ќош и сами си ја предизвикавте оваа ситуација“, му порачале судиите на индискиот бизнисмен. Инаку, затворот Тихар во кој се наоѓа Рој е всушност комплекс составен од девет затвори. Според последните податоци, во него се сместени над 13 илјади затвореници, иако максималниот капацитет на затворот е 5.200. Најголемиот дел од нив (речиси 75%), се испратени во затворот додека се уште трае судскиот процес против нив затоа што немаат пари да платат кауција. Во 2013 година бројот на смртни случаи во затворот се зголемил за 100% во однос на претходната 2012.
Слично

Поврзани вести